Проруски демонстранти го зазеле првиот кат од зградата на регионалната влада во украинскиот град Донецк. Репортер на „Ројтерс“, кој се наоѓа на четвртиот кат од зградата, во прес-центарот, јавува дека демонстрантите не успеале да се качат на погорните катови затоа што лифтовите биле блокирани, а биле затворена и вратите од скалите.
На оваа 11-катница веќе три дена се виори руско знаме. Пред зградата на регионалната влада се собрани демонстранти кои веат руски знамиња и делат летоци со кои на граѓаните им се порачува да не се покоруваат на властите во Киев.
Донецк се смета за упориште на поранешниот украински претседател Виктор Јануковиќ.
Руските сили денеска презедоа целосна оперативна контрола на Крим со повеќе од 6.000 припадници на воздушните и поморските сили, соопшти извор од Белата куќа според кој нема сомневање дека Русија се подготвува за окупација на Украина.
Според британските медуми, пак, на Крим има околу 40.000 руски војници кои презеле целосна контрола врз полуостровот без испукан куршум. Двете украински воени бази на полуостровот се под целосна блокада на руските трупи и на проруските паравоени групи, кои ги повикуваат Украинците во базите да ѝ се приклучат на новата проруска власт на Крим. Под опасада се и укринската поморска база, како и двата локални аеродроми.
Според истите медиуми, бројот на руските војници на Крим е далеку поголем од тој на украинските сили и сите патни правци кон Украина се целосно затворени.
Рускиот премиер Дмитри Медведев на својот профил на „Фејсбук“ претходно објави дека украинските лидери илегално ја презеле власта и предвидува дека нивното владеење ќе заврши со нова револуција и нови крвопролевања.
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ги отфрли обвинувањата дека Русија се однесува агресивно кон Украина и го обвини Западот дека својата геополитичка калкулација ја става пред судбината на украинскиот народ.
– Добиваме информации дека се подготуваат нови провокации, вклучувајќи и кон црноморската флота – изјави шефот на руската дипломатија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.