Движењата во македонската економија се доста поволни. Имаме нагорен тренд на економијата, подобрување на кредитниот раст и зголемување на депозитната активност во банките, оцени денеска гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Димитар Богов.
Тој не очекува во една ваква состојба претстојниот изборен циклус при една цивилизирана кампања да предизвика позначајни турбуленции.
Потенцира дека позитивниот тренд на македонската економија се очекува да продолжи иако постојат надворешни ризици, како што е состојбата со Украина.
– Се очекува импулсот на странските директни инвестиции и јавните инвестиции да продолжат и годинава. Изградбата на двата патни правци Кичево – Охрид и Скопје -Штип, како и пругата кон Бугарија, ќе придонесат за задржување на високото ниво на јавни инвестиции. Трет фактор е тоа што очекувме растот во европската еконономија што ќе ја зајакне побарувачката на традицоналните производи што ќе придонесе за поголем раст на БДП – рече Богов.
Тој потенцираше дека има еден предвидлив амбиент за компаниите, за инфалцијата и движењето на главните макроекономски варијабили. Каматните стапки, додаде, се на историски најниско ниво од осамостојувањето, меѓу 6 и 7 проценти, што претставува поволен услов за бизнисот.
– Минатата година имавме слаб раст на кредитирањето на компаниите околу 1,5 процент, во последните месеци почна да расте, а кај населението растот беше 10 проценти – рече Богов и додаде дека зголемувањето на економската активност веќе укажува дека може да има поголема кредитна активност.
Истакна дека девизните резерви се на стабилно ниво, дека нема некои позначителни промени во последните два месеца и оти нема никаков потенцијал за загрозување на макроекономската стабилност.
Во врска со буџетски дефицит, тој рече дека не е почувствувано нарушување во рамнотежата на економијата и оти значајно е дефицитот до крајот на годината да се задржи во предвидените рамки.
Народната банка, како што рече Богов, во континуитет ја оценува макроекономската состојба и доколку се појави потреба од преземање мерки, секако дека ќе се применат. Во моментов поставеноста на макроекономската стабилност ја оценува како соодветна.
Гувернерот на Народната банка на Република Македонија денеска имаше предавање на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во организација на Студентскиот парламент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.