| четврток, 6 декември 2018 |

Се обновува мостот „Гемиџии“ во Велес

мост

Денеска во Велес под автобуската станица, покрај брегот на реката Вардар, почнаа градежните работи за санација и реконструкција на мостот „Гемиџии“, попознат како Нов мост.

Мостот е долг 172 метра, широк 11,3 метри, а ширината на коловозот е седум метри. Изграден е во периодот од 1958-60 година и досега, со исклучок на малата поправка од пред шест – седум години, не е целосно саниран.

Како што рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Љупчо Георгиевски, поради разни динамички товари, атмосферски влијанија и несоодветно поставување инсталации, видливо е оштетувањето на бетонските површини, на коловозите и тротоарите.

Санацијата ќе се одвива во неколку фази со средства од Владата, вкупно 33 милиони денари, и треба да заврши за една година.

– Најпрво ќе се струга постојниот асфалт на коловозот и тротоарите, ќе се санира коловозот, ќе се менуваат сливниците, ќе се поставува хидроизолација и ќе се менуваат дилатационите спојници. Потоа ќе се санира мостовската ограда, ќе се отстрани и заштитниот оштетен слој од арматурата на главните носачи, ќе се додава дополнителна арматура и ќе се нанесува репариран малтер за заштитниот слој. Активностите ќе финишираат со јакнење на крајните столбови  – информираше Георгиевски.

Според градоначалникот Славчо Чадиев, санацијата на мостот е едно од приоритетните барања на велешани.
За време на реконструкцијата на мостот „Гемиџии“, сообраќајот ќе има посебен режим што допрва ќе го договорат локалната власт и Јавното претпријатие

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top