| четврток, 6 декември 2018 |

Стево Пендаровски е кандидат на Црвенковски

Stevo-Pendarovski-1

СДСМ не спроведе демократска, а уште помалку транспарентна постапка за избор на нејзиниот кандидат за претседател на Република Македонија. За разлика од другите партии, во случајот со СДСМ, медиумите, а преку нив и целата јавност, во континуитет не добиваа никакви информации, пишува „Курир“.

Кога некои медиуми сами успеваа да дознаат што, всушност, се случува внатре во СДСМ, како во случајот со „Прес 24“ кои први објавија дека Стево Пендаровски ќе биде кандидат, СДСМ упорно демантираше.

Што се случуваше?

Никој медиум не доби информација до каде е постапката за избор на кандидат на СДСМ за претседател на Република Македонија. Таква информација пред три дена имаше само „Прес 24“ кои ја известија јавноста за одлуката Стево Пендаровски да биде кандидат на СДСМ. Во денот кога „Прес 24“ извести, а СДСМ одлучи, немаше ниту седница на Извршниот одбор на СДСМ ниту седница на Централниот одбор. Кој ја донесе оваа одлука до денес остана тајна за медиумите и за јавноста.

Вечерта СДСМ ја демантираше веста на „Прес 24“, а опозициските медиуми, како тој на Геровски, критикуваа како може тие да не добиваат информации од СДСМ, а некој друг медиум да ги има. Утрината во изјава за „Република“ лично Стево Пендаровски негираше дека некој зборувал со него за кандидатура и следствено со тоа негираше дека е кандидат.

Веќе следниот ден, проопозициските медиуми, веројатно координирано, претпладнето информираа дека одлука во СДСМ има и дека нивен кандидат ќе биде Стево Пендаровски, а дека таквата одлука ќе ја потврди Извршниот одбор на СДСМ во 17 часот. Велеа дека има одлука, ама никој не кажа кој ја донел таа одлука пред да се одржи седницата на нивниот Извршен одбор и пред седницата на партискиот Централен одбор.

Да биде целата ситуација посомнителна, во рок од само 24 часа од моментот кога Стево Пендаровски ја негираше веста за неговата кандидатура, тој ја потврди. Но и овој пат пред за тоа да одлучат Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ. Во рок од 24 часа две целосно спротиставени изјави.

СДСМ се обиде да ја оправда состојбата со тоа што ја информираше јавноста дека во постапката имало уште 26 други кандидати, од кои 8 влегле во потесен избор. Но, СДСМ не кажа ниту кои се првите 26, ниту кои се вторите 8. Уште помалку кажа кој ја донел одлуката пред да се одржи ИО на партијата дека само Стево Пендаровски ќе биде кандидат, што беше и потврдено од СДСМ и од него лично пред самата седница.

Јавноста зборува со многу информации кои доаѓаат внатре од СДСМ. Најгласната денес и вчера е таа дека, всушност, Стево Пендаровски, иако не многу омилен во врвот на партијата, е личен избор на Црвенковски, кој му должи многу за неговата улога како претседател на ДИК кога Црвенковски стана претседател на Република Македонија во многу сомнителни околности, потврдени и од меѓународните набљудувачи, пишува „Курир“.

СДСМ, како партија која зборува за демократија, ќе одлучува на Конгрес со гласачко ливче на кое ќе има само едно име. Како во старите добри времиња, за нив очигледно само еден е изборот, тој на Црвенковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top