Триесетдневен притвор добија седумте лица кои беа уапсени вчера под сомнение дека ги украле вредните артефакти од Музејот на Македонија. Приведените се сегашни и поранешни вработени во Музејот, кои повеќе пати успеале да украдат 162 вредни артефакти и предмети.
На поранешниот директор на Дирекцијата за заштита на културно наследство, Паско Кузман, кој, исто така, е осомничен, му е продолжен куќниот притвор. Тој веќе издржува куќен притвор бидејќи е осомничен во случајот „Фаланга“.
Портпаролот на МВР, Иво Котевски, на вчерашната прес-конференција рече дека не е исклучено случајот да се прошири и со други лица затоа што МВР е во тесна соработка и координација со Јавното обвинителство и постапува по нивните наредби.
Против овие лица, МВР ќе поднесе соодветни пријави за сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата, присвојување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости, како и поттикнување.
Во досега направените претреси пронајдени се поголем број предмети кои можно е да потекнуваат од претходно пријавената кражба во Музејот, но и предмети кои воопшто не се евидентирани.
– Пронајдени се 4 керамички икони, 3 керамички ламби, една керамичка монета, една глава на женска фигура на постамент, повеќе сребрени и бронзени фигури, повеќе монети и керамички археолошки предмети, една бронзена монета, дрвена маска и стрела, 8 археолошки предмети, метален прстен со изгравиран човечки лик, метален привезок и голем број други предмети, изјави портпаролот на МВР.
Котевски посочи дека се работи за службени лица (програмски директор, виш кустос, ракувач на депото, поранешниот и актуелниот директор на Музејот) од Скопје и од Охрид, како и златар кој е осомничен за „поттикнување“.
Паско Кузман е осомничен дека во неколку наврати подигнал предмети од Националниот музеј-Охрид при што е изготвен реверс за повеќе копии на кои е потпишан в.д. директорот на музеј на Македонија, додека на една копија на која рачно се потпишани и двајцата, е евидентирана забелешка дека не се враќаат 14 подигнати предмети, туку само 5 археолошки предмети со реверс.
Како што соопшти Јавното обвинителство, лицата се осомничени за присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, за злоупотреба на службената положба и овластување и за несовесно работење.
– Основаното сомневање произлегува од досега прибавените докази, а особено од извршените претреси, одземените предмети и документација, поголем број инвентарни книги, влезни и излезни книги, депојна книга, извештај од археолошки ископувања – се вели во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.