„Симпл мајндс“ следниот четврток (6 март) ќе настапат во Скопје со сопствена голема продукција, звук и светло, на концертот што дополнително беше вклучен во големата турнеја, соопштија од „Авалон“ на денешната прес-конференција.
„Симпл мајндс“ во својата концертна турнеја ги додадоа гостувањата во Загреб и во Скопје. Откако претходно на апликацијата на „Авалон продукција“ да настапат во Скопје одговориле дека турнејата завршува во Полска и веќе е затворена, благодарение на упорноста и на успешниот концерт на „Симпл мајндс“ во Скопје пред седум години се согласиле да ги вклучат и настапите во Хрватска и во Македонија.

– Поради фактот што постои голема веројатност во март сѐ уште да има зимски услови, што би го забавило патувањето на големата продукција (неколку камиони), заедно со менаџментот на „Симпл мајндс“ одлучивме меѓу концертите во Загреб и во Скопје да има еден ден пауза, со што би ја исклучиле можноста да има доцнење на камионите со опрема – соопштија од „Авалон“.
Во среда навечер членовите на култниот бенд ќе пристигнат во Скопје на концертот кој благодарение на упорноста на „Авалон продукција“ стана дел од големата турнеја посветена на големите хитови на „Симпл мајндс“. Засега не прифатиле прес-конференција и изјави за медиумите, но останува отворена опцијата за тоа сѐ до настапот в четврток.
Македонската публика ќе има можност пред „Симпл мајнд“ да ги слушне членовите на уште една, исто така, култна, но овој пат македонска група. Станува збор за групата „Мизар“, која ќе го претстави својот нов албум „Шарена крава“, на кој пеат и Јана Бурче и Сашо Гигов-Гиш.

-Ова е исклучително важен настап за нас. Во четврток ученикот ќе настапи пред учителот. Јас сум израснат со музиката на „Симпл мајндс“. Ги имав сите нивни плочи и во тоа време мислам дека иглата на грамофонот ќе се излижеше од постојаното слушање на нивната музика, рече Горазд Чаповски.
Тој информираше дека со новиот албум се враќаат на рокот и дека публиката ќе ужива во нивниот нов албум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


