| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија е пријателска земја за инвеститорите

gruevski-za-itar-tass

Maкедонија нуди најконкурентни услови за правење бизнис во регионот. Тоа го забележаа повеќе странски компании кои веќе работат во Македонија, а некои од нив одлучија да реализираат и втора инвестиција, истакна премиерот Никола Груевски на синоќешниот бизнис форум во Диселдорф пред претставници на повеќе германски компании од автомобилскиот сектори, инфраструктурата, телекомуникациите, туризмот, банкарскиот и осигурителниот сектор, јавува МИА.

– Американските „Џонсон контролс“, „Кемет електроникс“, „Џонсон Мети“, „Ванхол“, „Технокозе“, „Продис“, „Гришко“…, веќе инвестираа и ја пронајдоа Македонија како најдобра  дестинација за бизнис. За нас е многу важно што тие што дојдоа, одлучија да инвестираат по втор пат. Ако условите се негативни, тие нема да донесат таква одлука – рече премиерот.

Тој потенцира дека третманот на инвеститорите во Македонија е многу подобар од многу други земји.

– Ако дојдете, ќе наидете на Влада која е многу пријателски насочена кон инвеститорите и бизнисот. Ние имаме тим кој на дневна база комуницира со нив – истакна премиерот.

Посочувајќи на предностите што ги нуди Македонија како бизнис дестинација, ги напомена макроекономската стабилност, даночниот систем, доброто функционирање на институциите, ниските трошоци за водење бизнис, можност за извоз на европските пазари без царина со потпишаните договори за слободна трговија, како и предностите што ги нудат технолошко-индустриските развојни зони.

Груевски истакна дека во изминатите години се спроведени низа мерки кои ја подобрија бизнис климата и претставуваат значајни поволности и за странските инвеститори и оти  тоа го потврдуваат и релевантни меѓународни инститиуции.

– Во последните седум извештаи „Дуинг бизнис“ на Светска банка, Македонија четири пати се најде меѓу топ 10 најдобри реформатори во светот. По бројот на вкупно спроведени реформи од 2005 година досега, Македонија е на високото трето место во конкуренција со 189 земји во светот. Од 2006 година досега на листата на „Дуинг бизнис“ Македонија напредуваше од 94. место на 25. место, што е скок од дури 69 позиции. Во извештајот за најдобри земји за водење бизнис на магазинот „Форбс“ Македонија е рангирана на 36. место и бележи напредок од 46 места споредено со 2007 година,  а напредок од 35 места бележиме и според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ од 78. на 43. место – истакна Груевски.

Предност за странските компании кои ќе одлучат да инвестираат и да работат во Македонија е што ќе наидат на квалификувана работна сила.

– Имаме добра образована работна сила со добри работни навики и вештини и кои се лојални на компаниите – истакна вицепремерот Ставрески.

Тој додаде дека постои добра соработка меѓу приватниот сектор и универзитетите и оти факултетите  на барање на компаниите може да воведат посебни програми за одредени квалификации.

Добрите услови за бизнис ги потврдија и странските инвеститори кои веќе работат во Македонија.

Дирк Гурзених од „ПЦЦ ДЕГ Реневебл“, компанија која има добиено пет концесии за мали хидроцентрали, од кои едната е веќе изградена, рече дека најважно е тоа што Владата ги слуша потребите на инвеститорите за подобри услови за работа.

Добри искуства од работењето во Македонија пренесе и „Кемет електроникс“. Андреас Мер вели дека во Македонија дошле во 2010 година откако дознале за земјата од „Си-Ен-Ен“.

– Откако донесовме одлука да проширување на нашето производство, разгледувавме повеќе места во ЈИЕ, меѓу нив и Македонија. Дојдовме и ги добивме сите потребни информации од претставници на Владата до кои имавме пристап – рече Мер додавајќи дека тоа била една од причините да донесат одлука да инвестираат во Македонија, како и ниските трошоци за правење бизнис.

Во Македонија најдовме соодветни кадри, со техничко образование, со познавање повеќе странски јазици. За проширување на производството во Македонија ќе гледаме да инвестираме во Македонија доколку тоа има бизнис логика за нас, додаде тој.

Премиерот Никола Груевски заедно со економскиот тим продолжува со економската посета во Штутгард, каде што ќе се одржи нов бизнис форум во соработка со „Фајненшл тајмс“.

Германија е трет најголем инвеститор во Македонија. Меѓу германските компании кои ги искористија можностите за инвестирање во Македонија се „Дрекслер маер“ и „Кромберг и Шуберт“, а потврдена е и инвестицијата на „Макард“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top