Кошаркарот на Мајами, Леброн Џејмс, се круниса во крал на стрелците, со уникатен рекорд од 6 натпревари во серија, во кои дава 30 или повеќе поени, притоа да има реализација на удар над 60 проценти. Шампионскиот состав на Мајами го победи Портланд со 117-104, а Џејмс забележа точно 30 поени, за нов рекорд. Победата на „жешките“ е јубилејна 1000 во клупската историја.
Во натпревар со многу пресврти, Мајами на крајот победи, иако прокоцка 14 поени предност. Со серија од 14-0 во последниот период, сепак шампионите предводени од Џејмс, Бош (32 поени) и Вејд (24) беа поуспешни.
Џејмс со овој меч го напушти друштвото на Адријан Дентли и Мозес Мелоун кои оддамна имаа нанижано по 5 натпревари со 30+ поени. Дентли тоа го сторил во 1979 година, а Мелоун 3 години подоцна.
Најдраматичен натпревар одиграа Торонто и Денвер, а во завршницата поуспешни беа домаќините со 109-108. Новото засилување на Торонто, Руди Геј, со кош на 5 секунди до крајот го одлучи мечот. За него ова беше трет натпревар за новиот тим и втор во кој го дава победничкиот кош за Репторс. Демар ДеРозан беше најефикасен кај Торонто со 22 поени, а најмногу на натпреварот, 29 поени, забележа Тај Лоусон кај поразениот тим.
Веројатно најлошиот натпревар во кариерата го одигра Коби Брајант во дресот на Лос Анџелес лејкерс, но сепак неговиот тим го победи Феникс со 91-85. Коби погоди само еден удар од поле и заврши со прескромни за него, 4 поени. Затоа тука беше популарниот „Супермен“ Двајт Хауард, да не дозволи пораз на Лејкерс. Центарот постигна 19 поени и имаше 18 скока.
Пораз и тоа убедлив од 94-109 претрпе Оклахома нагости кај Јута. Кевин Дјурант и Расел Вестбрук, двете главни ѕвезди на Оклахома, одиграа одлично, но немаа подршка од соиграчите, што ги чинеше неуспех. Дјурант постигна 33 поени, Вестбрук забележа 22, а сите останати кошаркари што настапија за Оклахома постигнаа вкупно 39 поени. Најефикасен кај Јута беше Ал Џеферсон со 23 поени.
Резултати: Торонто – Денвер 109-108, Мајами – Порталнд 117-104, Мемфис – Сакраменто 108-101, Јута – Оклахома 109-94, Голден стејт – Хјустон 107-116 и Лос Анџелес лејкерс – Феникс 91-85.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


