Металург играше прекрасно против Барселона во вчерашниот последен меч од групата Ц во Лигата на шампионите и прв сезонава ги порази Каталонците, по цели 38 натпревари.
Барселона имаше импресивен скор до гостувањето во Скопје, нареди 37 победи и само едно реми и тоа во нашиот главен град против Вардар во првото коло од фазата по групи.
– Ако веќе беше неминовно да стигне и поразот, тогаш веројатно и најдобро и најбезболно беше да се случи во ваква ситуација. Барселона имаше сигурно прво место во групата и затоа поразот и нема значение. Металург е тврд орев кога игра во Скопје, а публиката му даде крилја на македонскиот тим за да стигне до подвиг – пишуваат новинарите на шпанска „Марка“.
Тие го потенциираа и непотребниот инцидент на крајот од натпреварот, а велат дека најважно за шпанскиот шампион е како ќе мине на ждрепката утре во Виена, кога ќе се одредат двојките за нокаут-фазата. Можни противници на Барса се Висла Плок, Мотор Запорожје и Алборг.
Металург заслужено си се радува на блескавиот триумф над Барса од 31-29, а сезонава ги победи двата фаворити за титулата, бидејќи на стартот во Скопје „падна“ и скапиот тим на Пари Сен Жермен. Салата „Борис Трајковски“ остана ракометен бедем што не се освојува бидејќи Вардар и Металург не дозволија пораз на домашен терен во групата Ц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.