
Грчката заедница во САД реагира откако 40 американски конгресмени се потпишаа на писмо упатено до државниот секретар Џон Кери, во кое се бара прием на Македонија и на Црна Гора во НАТО на претстојниот септемвриски самит. Грчките групи во САД најмногу се разочарани од потпишувањето на писмото од страна на Елиот Енгел од Њујорк, прв демократски конгресмен во Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, јавува дописникот на МИА од Вашингтон.
– Енгел традиционално беше наш силен поддржувач на прашањата што им се важни на грчките Американци, особено по прашањето на Кипар. Особено сме разочарани што писмото ја доби поддршката на Елиот Енгел, Албио Сајрс и на Грејс Менг, членови на Комисијата за надворешни работи, кои се и членови на групата за пријателство со Грција во Конгресот и кои беа големи поддржувачи на нашата заедница во минатото – вели Ник Ларигакис од Американскиот елинистички институт, една од грчките групи што дејствуваат во САД. Енди Манатос, директорот на лоби-фирма во Вашингтон, кој ги застапува грчките интереси во САД, изразува надеж дека Енгел ќе продолжи да ги поддржува и грчките интереси по спорот за името.
– Пред секој самит на НАТО има акција во Конгресот за да се промовира приемот на ПЈРМ во НАТО. Писмото само по себе не е необично, но разочарува тоа што првиот демократски член на Комисијата за надворешни работи Енгел и значителен број членови на Комисијата и на групата за пријателство со Грција се потпишаа на писмото. Можеби ова е повик на будење за нашата заедница, дека нашите пораки не допираат до некои од членовите на Конгресот – вели Ентони Кузунис, од грчката организација АХЕПА.
Од Стејт департментот не реагираат јавно на упатувањето на писмото, во кое се бараше да се потврди перспективата земјите од источна Европа, кои се аспиранти за членство во НАТО, и се предупредува дека доколку НАТО не ги награди вложените напори на земјите, тоа може да ја ослабне нивната посветеност. Американската дипломатија, освен на Украина, во Европа е фокусирана и на обидот да се реши спорот за Кипар, што би овозможило искористување на новооткриените кипарски резерви на гас. Ова значи дека и грчките организации во САД мораат да ги фокусираат своите ресурси и вниманието при контактите со американските политичари пред се на ова актуелно прашање.
Самитот на НАТО ќе се одржи во велшкиот град Њупорт во септември, и тоа во атмосфера во која кризата во Украина повторно го врати прашањето на проширувањето на Европската унија и НАТО на првото место на вниманието во Вашингтон и во Брисел. Максимилијан Телеки, претседател на Унгарско – американската коалиција која неодамна упати поддршка за прием на Македонија во НАТО, вели дека САД ќе мораат да се ангажираат да ја зачуваат Источна Европа подалеку од руската сфера на влијание.
– Во Сирија и во Украина гледаме дека Русија се обидува да го прошири својот круг на влијание. НАТО се редефинира и разбира дека ќе може да постигне повеќе ако прими повеќе членки што ги делат нашите вредности. Македонија, Црна Гора, Грузија, Украина, секако ги делат истите вредности. Македонија заслужува да биде не само дел од НАТО, туку таа и де факто е членка на НАТО, со тоа што дава значителни придонеси кон Алијансата и затоа заслужува да го добие своето место на масата. Во нашите контакти, во соработка со Обединетата македонска дијаспора, во средбите во Белата куќа, ја промовираме потребата НАТО да продолжи да расте и да биде релевантен и во 21 век, кога се соочуваме со заеднички закани, а ние сме луѓе со заеднички вредности – вели Телеки. Неговата организација, која ги застапува интересите на 1,8 милион Американци со унгарско потекло, била формирана да го поддржува ширењето на НАТО кон Унгарија и другите поранешни членки на Варшавскиот пакт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција


