Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, се првите високи преставници на ЕУ и Северната алијанса што официјално го поздравија договорот што денеска е постигнат меѓу власта и опозицијата во Киев со цел ставање на крај на крвопролевањето и насилствата во Украина.
Шулц, кој е кандидат за иден претседател на Европската комисија од таборот на европските социјал-демократи, посочи дека денешниот договор дава надеж дека украинската држава го избегнала најлошото.
– Договорот меѓу владата и опозицијата во Украина нуди надеж дека земјата ги избегна најлошото, а тоа е ескалација на насилство и повеќе смртни случаи. Го поздравувам договорот, иако патот кон повторната изградба на довербата и стабилноста нема да биде лесен. Насилството мора да престане веднаш и сите ние тоа го должиме на жртвите од смртоносните судири за кои сите денеска жалиме, посочи Шулц.
Првиот човек на Европарламентот додаде дека „кризата треба да заврши преку мирен политички процес, кој ќе бара сериозна посветеност на сите страни, особено на властите во Украина, за да се формира инклузивна Влада“. Шулц, кој ги поздрави напорите на министрите за надворешни работи на Франција, Лоран Фабујиус, на Германија, Ханс-Волтер Штајнмаер и на Полска, Радек Шикорски за посредувањето на договорот за примирје во Украина, им порача на Украинците да започнат со уставни реформи и организирање на предвремени избори.
Во исто време, генералниот секретар на НАТО го поздрави договорот во Украина, постигнат меѓу Владата и опозицијата.
– Овој договор треба да се стави крај на ужасното крвопролевање и страдањата и да го отвори патот за демократски дијалог и реформи. Апелирам до сите страни истиот да го спроведат во целост, да се воздржат од натамошно насилство и да работат за иднината на Украина. Суверена, самостојна и стабилна Украина, цврсто посветена на демократијата и владеењето на правото, е клучот за евро-атлантската безбедност – порача Расмусен.
Според првиот оперативец на најголемата воено-политичка организација на светот, НАТО останува посветен на поддршката на процесот на реформи во Украина.
Белата куќа го поздрави потпишувањето на договорот меѓу украинскиот претседател Виктор Јанукович и водачите на опозицијата, по неколкудневните крвави пресметки во главниот град Киев.
-САД го поздравуваат потпишувањето на договорот. Договорот, постигнат со посредство на министрите за надворешни работи Фабиус, Сикорски и Штајнмаер, а со Русија како сведок, е во согласност со нашите повици за деескалирање на насилството, уставни промени, создавање на коалициска Влада и предвремени избори. Ги поддржуваме напорите на тие што го постигнаа договорот, ги пофалуваме храбрите опозициски водачи кои ја препознаа потребата од компромис и ја нудиме поддршката на САД при спроведувањето на договореното. Сега мораме да се фокусираме на конкретни чекори за спроведување на договорот, кои ние одблиску ќе ги набљудуваме, пишува во соопштението на Белата куќа.
Во соопштението се повикува прв чекор да биде итен прекин на насилствата, амнестија и нормализирање на безбедносната состојба.
Украинската Рада треба да изгласа пакет на уставни промени, што ќе овозможи формирање на техничка Влада. Во меѓувреме, ќе се почитува правото на мирни протести, вклучително и на плоштадот Мајдан.
– Мора да се има одговорност од тие што се виновни за насилството и за жртвите кои паднаа од почетокот на кризата, и за таа цел сме подготвени да спроведеме дополнителни санкции доколку тоа биде неопходно, соопшти Белата куќа, во првичната реакција по потпишувањето на договорот во Киев.
Од друга стрна, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во телефонски разговор со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон побара Унијата да го осуди радикалното дејствување во Украина, јави ИТАР-ТАСС.
Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи се наведува дека Лавров и Ештон разговарале за ситуацијата во Украина, го оцениле договорот постигнат меѓу украинскиот претседател Виктор Јанукович и опозицијата, како и негова реализација „во услови на продолжените дејствија на екстремистичките сили“.
– Сергеј Лавров одлучно го осуди дејствувањето на радикалите, кои се одговорни за насилството и човечките жртви и ја повика ЕУ и нејзините членки да го осудат тоа, се посочува во соопштението на руското МНР.
Инаку омбудсманот Владимир Лукин, кој рускиот претседател го овласти да се вклучи во напорите за изнаоѓање на решение за кризата во Украина, не го потпиша договорот постигнат меѓу украинскиот претседател Виктор Јанукович и опозициските лидери.
– Имаше неколку прашања на кои не добивме јасни одговори. Тоа се однесуваше на самите учесници на преговорите, кој и за што ќе биде одговорен. Ситуацијата многу брзо се менува, се појавуваат нови личности и многу е тешко да да се фиксираат договoрите, изјави Лукин за ИТАР-ТАСС.
Лукин, кој во меѓувреме се врати во Москва, процесот на преговори го оцени како позитивен. Тој најави дека преговорите ќе продолжат, додавајќи оти планира да ја продолжи мисијата.
Јанукович и лидерите на опозицијата денеска во присуство на европските посредници потпишаа договор за излез од политичката криза. Од страна на опозицијата документот е потпишан од Арсениј Јацењук, Олег Тјагнибок и Виталиј Кличко.
На потпишувањето на договорот присуствуваат министрите за надворешни работи на Полска и на Германија, Радослав Шикорски и Франк Валтер Штајнмаер, како и шефот за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи Ерик Фурние.
Договорот предвидува предвремени претседателски избори, формирање на коалициска влада и промена на уставот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Украинските морнари признале: Добивме задача, влеговме во руски води и тука чекавме наредби
-
Македонија и Украина ќе ја интензивираат политичката и економската соработка
-
Иванов ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Украина и Индија
-
Путин по стапките на Трамп: Русија почна да гради ѕид со Украина


