| четврток, 6 декември 2018 |

Утре ќе ја слушнеме евровизиската песна на Тијана

В сабота, со почеток во 21 часот и 30 минути, МРТ во специјално издание на музичкото шоу „Хит на месецот“ ќе ја претстави евровизиската песна „Таму кај што припаѓам“, со која Тијана Дапчевиќ ќе настапи на 59. издание на „Евровизија“.

Музиката за песната ја подготвија Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, додека Димитров ги подготви и аранжманот и продукцијата. Текстот за македонската верзија го изработи Елена Ристеска, додека за англиската верзија со наслов „To the Sun” се погрижија Елена и Дарко, во консултација со Лаура Роска од Романија.

– Во моментот кога Македонската радио-телевизија објави дека јас ќе ја претставувам Македонија на Евровизија, добив повеќе од педесет понуди за песни од целиот Балкан. Нуту една од нив не ми се допадна, освен трите песни кои ги добив од Дарко. Се одлучивме за повеселата и поведрата. Многу верувам во песната, сигурна сум кога ја пејам и сигурна сум во добар пласман – изјави Дапчевиќ.

Во „Хит на месецот“ ќе бидат промовирани двете верзии на песната, англиската и македонската.

– Се одлучивме овој пат Тијана Дапчевиќ да биде единствениот музички гостин, а македонската верзија на песната веднаш да стане предлог на топ листата за кој гледачите ќе може да гласаат. Меѓу другото, ќе се потсетиме на актуелната состојба на нашата топ 10 листа, ќе ги откриеме останатите важни детали околу нашето претставување на Евровизија, а на гледачите ќе се обидеме да им ја доловиме и главната идеја и мото под кое се одржува Евровизија  оваа година – вели Александра Јовановска, уредник и водител на „Хит на месецот“.

Во следните денови ќе се снима и видеозаписот за евровизиската песна.

– Станува збор за многу интересен научен експеримент, сценариото е тајна, но ќе ви откријам дека се снима во лабораторија и во оваа пригода изразувам голема благодарност до менаџерскиот тим на „Алкалоид“, кој излезе пресрет и овозможи да се реализира овогодишната оригинална приказна во најавната разгледница за Македонија –  изјави Мери Попова, шеф на Македонската евровизиска делегација.

Изборот на песна за Евровизија оваа година се одржува во Копенхаген, Данска од 6 до 10 мај. Македонија настапува во второто полуфинале на 8 мај и ќе го забележи своето 14 учество на најгледаното музичко шоу на стариот континент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top