Повеќе од 40 проценти од новоизградените станови во Скопје не се продадени, но нивната цена ќе паѓа многу бавно поради намалената ликвидност на пазарот и отежнатиот пристап до банкарско финансирање, проценува консултантската компанија за недвижен имот „Фортон“.
Според истражувањето, за само една година, од 2012 година до 2013 година, понудата на нови станови во Скопје се зголемила за 46 проценти, а просечната продажна цена на живеалиштата лани се намалила за шест проценти. Со регистрирана вредност од 1.200 евра за квадратен метар, општина Центар води според висината на продажните цени во главниот град, додека на најевтини станови се нудат во општина Ѓорче Петров.
Инвеститорите, пак, се концентрирани на вложување во општините Аеродром, Центар и во Карпош, кои учествуваат со 66 проценти од вкупниот број понудени живеалишта.
Се забележува пораст од девет проценти и во понудата на малопродажен простор во Скопје. Речиси 19 проценти од вкупната површина предвидена за малопродажба во трговските центри, галериите за малопродажба и главните пешачки зони е празна. Највисок процент на слободен простор има во ТЦ „Соравија“ – дури 70 проценти, по неа се „Буњаковец“ и „СП Планет“ со 35 проценти, како и Градскиот трговски центар во кој 27 проценти од вкупниот простор е слободен за изнајмување или купување.
Сепак, висината на закупнините во овој период не се променила и се движи од 27 евра за квадратен метар покрај главните пешачки зони до 40 евра за квадратен метар во скопските трговски центри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.