| четврток, 6 декември 2018 |

Јанукович предупреди дека може да употреби сила

janukovic

Претседателот на Украина Виктор Јанукович предупреди денеска дека може да употреби сила за да го спречи обидот на своите противници за „насилно преземање на власта“.

– Без мандат од народот, илегално и спротивно на украинскиот Устав, тие политичари ако така може да се наречат, презедоа акции на грабежи и убиства во обид да преземат власт – наведува Јанукович во соопштение по протестите во центарот на Киев, во кои во судири меѓу полицијата и демонстрантите загинаа најмалку 25 лица.

Јанукович истакнува дека досега се воздржувал од примена на сила и нудел дијалог за опозициските лидери, како и можност за избори, но советниците сега му препорачуваат да заземе тврд став.

– Уште еднаш ги повикувам лидерите на опозицијата…итно да се дистанцираат од радикалните сили кои предизвикуваат крвопролевање и судири со полицијата. Доколку тоа не го направат ќе мора да признаат дека ги поддржуваат тие радикали. А, тогаш со нив поинаку ќе се разговара – наведува украинскиот претседател.

Во меѓувреме лидерот на опозицијата Виталиј Кличко изјави дека Јанукович побарал уште една средба со опозицијата.

– Претседателот денеска сака уште еден состанок со опозицијата и ние се согласуваме. Нашето барање е јасно – акцијата на полицијата врз демонстрантите мора веднаш да престане – истакна Кличко.

Лидерите на опозицијата Кличко и Арсениј Јаценјук претходно изјавија дека ги прекинале разговорите со Јанукович без постигнување спогодба за ставање крај на насилството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top