| четврток, 6 декември 2018 |

Валентина Божиновска апелира граѓаните да не паѓаат на провокации на верска основа

Претседателката на Државната комисија за односи со верските заедници денеска одби да ја коментира фејсбук пораката на поглаварот на ИВЗ Реисот Улема Х. Сулејман Ефенди Реџепи во која тој вчера порача дека господ ги казнил сите што ја уривале прилепската Чарши џамија во 2001 и дека истата судбина го чека и градоначалникот на Прилеп.

„Можам само да кажам дека како интелектуалци и како луѓе кои што работат на полето на религијата имаме обврска да работиме на продолжување на вековната традиција на соживот и верска толеранција„ вели Божиновска за „Република“.

Според неа секаков вид на екстремно однесување и на навредување на различните од нас може да има далекусежни последици по стабилноста и имиџот на Македонија како сериозна држава.
Првиот човек на Комисијата не сака да навлегува во причините за шокантната изјава на поглаварот на ИВЗ и апелира граѓаните и верниците да не прифатат да бидат инволвирани во  игри кои можат да имаат влијание на соживотот во Македонија.

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) Реиз ул – улема ефенди Сулејман Реџепи преку Фејсбук упати порака дека загинувањата во сообраќајни несреќи во Прилеп „се одмазда од Алах“ заради палењето на Чарши џамијата во овој град во воената 2001 година. Тој порачува дека остана уште актуелниот градоначалник да се соочи со Алах. Во пораката од поглаварот на ИВЗ пишува:

„Почитувани муслимански браќа, ова e Чарши џамијата во Прилеп која беше уништена во 2001 година од страна на група од 30 лица кои беа осудени на смрт од страна на Семоќниот Алах. Мнозинството од нив во изминатите четири години ги загубија животите, главно убиени едни со други. Претпоследна е вчерашната сообраќајќа на мотоциклист, а се чини остана уште Марјан Ристески, кој целосно ќе се соочи со казната од Алах“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top