
Пред посетата на грчкиот министер за надворешни работи и претседател на Европскиот совет, Евангелос Венизелос, ОМД порачува дека е време Грција да преземе водечка улога и да им помогне на евроинтеграциите на Македонија.
– Треба двајца за танго за да се излезе од сегашниот статус кво – изјави претседателот на ОМД, Методија А. Колоски.
– Грчката стратегија на блокирање на Македонија ја загрозува стабилноста во регионот, како и процесот на проширување на НАТО и ЕУ.
ОМД го потсетува Венизелос дека и покрај сè, Грција и Македонија се соседи и дека имаат заемен интерес од подобрувањето на своите политички односи, што ќе доведе до поголем економски просперитет, туристичка и културна соработка. Според статистиката, грчки компании се едни од најмногубројните инвеститори во Македонија и нивните инвестиции се безбедни во Македонија. Од друга страна, македонските туристи се најмногубројни во Грција и ја помагат нивната локална економија.
– Откако ја презеде улогата на претседател на Европскиот совет, Венизелос не дејствува како независен и објективен глас на Унијата, користејќи ја секоја можност да ја дискредитира Македонија во Брисел. Исто така, тој пред целиот француски парламент ги навредуваше Македонците, нарекувајќи го нашиот јазик псевдо-македонски – изјави директорот на ОМД за Европа, Филип Алтипармаковски.
– И покрај петте препораки за почнување преговори од страна на Европската комисија, Венизелос продолжува да ги дезинформира европската јавност и политичари, дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми – рече Алтипармаковски. Тој нагласи дека оваа политика на двојни стандарди мора да престане.
– Ниту Грција, ни Бугарија не ги исполуваат копенхашките критериуми доколку сега би биле кандидати за влез во Унијата – заклучи Алтипармаковски.
Венизелос ќе патува за Македонија со автомобил од Приштина и во Скопје ќе се сретне со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот за европски интеграции Фатмир Бесими, министерот за надворешни работи Никола Попоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Потоа тој ќе се врати во Приштина од каде што со авион ќе се упати кон Тирана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција


