Граѓанската организација „Македонски манифест“ пред престојната посета на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос на Република Македонија упати писмо до него, во кое бараат Грција и тој лично да престане да се служи со лаги, притисоци, уцени и закани кон Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО.
– Вашата земја е таа која ги присвојува античкото македонско наследство, феникиската, семитската и други источни култури повеќе од 2.000 години за да го изгради митот на Елада како лулка на европската цивилизација, не Македонија. Уште во 19 век познатиот германски балканолог Јакоб Фалмерајер изјави дека Грците немаат ниту култура, ниту идентитет, нивното елинско потекло е само бајка.
-Во жилите на населението на денешна Грција не тече ниту една капка елинистичка крв. Но, ние нема да ве прашаме за вашето потекло. Свежи се сведоштвата за геноцидот што го направи вашата земја врз Македонци, а тие ѕверства ги надминуваат монструозните дела на фашизмот. И не случајно денес вашата земја ја има најголемата фашистичка партија во Европа – се вели во писмото од „Македонски манифест“ до Венизелос.
„Немате право вие да и судите на Македонија„, се додава во писмото, „кога во вашите музеи, со пари на Европа, држите украдени македонски артефакти“.
– Вие окупиравте 51 процент од македонската етничка територија, ги избришавте македонските топоними кои опстануваа и во времето на Римската, Византиската и на Османлиската империја, а викате по Република Македонија – „држете го крадецот“! – се истакнува во писмото од „Македонски манифест“.
Се посочува дека за разлика од Грција која и покрај членството во ЕУ од 1981 година се уште не ги исполнува критериумите за членство и ја игнорира пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг, Република Македонија во 1992 година, со оценката на Бадентеровата комисија, а подоцна со исполнувањето на Копенхашките критериуми и петте едноподруго препораки на Европската комисија за почеток на преговорите со Унијата, докажува во која земја владее демократијата и правниот поредок.
– Македонскиот народ нема да се откаже од својата исконска историја и идентитет. Тоа едноставно, не можеме да ви го отстапиме. А со злото, политичката хистерија, паранојата и подбуцнувањето на омраза и расизам, добрососедство е невозможно. Од ваша страна, не од наша. Вашите историски синдроми ја загрозуваат иднината на ЕУ. Македонија ќе го продолжи својот пат кој се потпира на меѓународното право и на општоприфатените универзални принципи. И ќе успее. Вашата политика од 19. век ќе заврши на буништето на историјата. Ќе остане само големиот историски срам и за вашата земја, и за ЕУ – се истакнува во писмото од „Македонски манифест“ упатено во пресрет на посетата на Венизелос.
Стефан Влахов Мицов на денешната прес-конференција на која беше презентирано писмото, истакна оти посетата на Венизелос, кој во Македонија доаѓа како претставник на земја претседавач со ЕУ, е тест за македонскиот државен врв.
– Одбраната на името, идентитетот, јазикот не треба да се прави само со зборови. Политичарите треба тоа да го направат со дела. Во рамки на посетата ќе се види дали тие имаат цврст став по ова прашање – истакна Влахов-Мицов.
Од „Македонски манифест“ истакнуваат дека почитта која ќе ја добие Венизелос во рамки на посетата треба да биде соодветна на она што тој го дава за Македонија. Не може, рече, Влахов Мицоив, тој да настапува со фашистичи и расистички тези, да не негира дека постоиме, а да биде пречекан според протокол. Смета дека наместо државниот врв треба со него да се сретне некој од советниците на претседателот, или заменик министер наместо премиерот или министерот за надворешни работи.
Оттаму бараат македонските политичари без ракавици и дипломатски речник да му се обратат на Венизелос и да му ја кажат вистината за тоа како се однесува и како треба да се однесува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.