| четврток, 6 декември 2018 |

Лајош Бокрош: Грција е смешна, а нејзината блокада врз Македонија е срам за ЕУ

Членовите на Европскиот парламент не се свесни дека Македонија има кандидатски статус речиси десет години и затоа во дебатата во европскиот парламент ја нагласив таа информација, вели за „Дневник“ унгарскиот европратеник Лајош Бокрош, инаку член на групата на европски конзервативци и реформисти.

– Не знам зошто не се свесни, ама се обидувам да помогнам колку што е можно, и би ја советувал македонската Влада да дејствува директно преку амбасадите во земјите-членки на ЕП. Македонија може да си помогне самата, ако го направи својот случај повидлив во Парламентот. Без оглед колкупати ќе им кажам на пратениците дека ова е срамно за Европскиот парламент, поточно за Европскиот совет, тие единствено велат дека не можат да помогнат, бидејќи Грција го блокира напредокот. Мислам дека Грција нема право да блокира, а, од друга страна, не мислам дека во ситуација кога на Грција и треба финансиска помош, Германија, Франција и други земји не се во позиција да ја убедат Атина дека треба да прекине со блокадата за Македонија, вели Бокрош за Дневник.

Според него, ако ЕУ не и` помогне на Македонија да се приклучи, порано или подоцна луѓето ќе речат „зошто е важно за нас да влеземе“.

– Тоа е негативен импакт кај луѓето. Со покажување дека ЕУ не може да ја убеди Грција да ја прекине блокадата, може да им помогне на тие негативни сили и во Македонија. Тоа е проблем. Не правам какви било прелиминарни заклучоци за тоа. Сакам да и` помогнам на Македонија. Срамота е за Советот што не ја убеди Грција дека тоа што го прави едноставно е смешно. Во 21 век, затоа што не ~ се допаѓа името на друга земја, името на соседот, да го блокира нејзиниот развој. Особено ако земеме предвид дека Грција е многу поголема земја и нема зошто да се плаши од Македонија. Македонија политички никогаш немала територијални претензии кон Грција. Смешно е бидејќи нема никаква закана од земја со два милиона луѓе за друга со 11 милиони, без оглед кое и` е името.

Бокрош јавно го повика министерот Евангелос Венизелос да ја ослободи Македонија од затворот на грчката политика.

– Да, го повикав. Проблемот го знаете добро, тоа е грчка внатрешна политика. Позицијата на грчката влада е многу кршлива, кревка во услови кога има многу силна екстремно лева и екстремно десна опозиција. Не сакаат да звучат непатриотски ако направат отстапки. Сепак мислам дека тоа е нивна обврска, особено што Грција сега претседава со ЕУ, па немаат избор освен да овозможат напредок за ова прашање. Венизелос го повикав, но тој не рече ништо. Го гледав в лице и тој не реагираше никако, веројатно се плаши од внатрешната политика во својата земја. Време е Франција, Германија, Велика Британија да станат и да ја убедат грчката политичка класа дека треба да се помести за ова прашање освен ако не сака да си ја загрози финансиската поддршка од ЕУ поради тоа. Тоа е единствениот начин за напредок.

Според него, Франција, Германија, Велика Британија, но и неговата Унгарија, мора да бидат заинтересирани за понатамошно проширување на ЕУ во Југоисточна Европа, а не да има црна дупка на мапата.

– Уште повеќе што се работи за мирна, мирољубива земја, која прави напори да напредува. Видете што се случува во Босна. Босна немаше напредок на патот кон ЕУ. Дали сакаме во ЕУ да видиме немири во Македонија. Ја знам Македонија многу добро и ги поддржувам мировните иницијативи меѓу Македонците и Албанците. Тоа е единствениот начин за вашата земја за просперитет и развој и западните земји и Унијата треба да го ценат тоа што Македонија е мирна земја, каде што различните националности соработуваат и каде што Владата и опозицијата, не без проблеми, се разбира, се обидуваат да направат многу важни работи во корист на граѓаните. Македонија е пред Србија, Kосово и Босна, во однос на исполнување на Kопенхашките критериуми за демократски, но и за економски развој. Има голем напредок и прашање е дали сакаме да го блокираме тоа и да го свртиме во обратен правец. И, конечно, Македонија не е опасна за соседите. Тоа е глупаво оправдување. Македонија е најмала во споредба со другите соседи, освен со Kосово. Сите се поголеми. Македонските политичари, ни од власта ни од опозицијата никогаш не рекле дека имаат територијални претензии. Напротив. Затоа мислам дека ова е смешна ситуација. Би сакал навистина да помогнам, зашто е срамота ова што се случува.

Бокрош со став дека, според него, нема неформална коалиција меѓу Бугарија и Грција по однос на Република Македонија.

– Не мислам дека има таков сојуз. Тие имаат нивни внатрешни барања. И секој може да тврди дека има историски барања. Тоа не е начин на кој ЕУ треба да функционира. Тоа е едно од достигнувањата на Унијата. Мирот и подобро би бил гарантиран ако Македонија е во ЕУ отколку надвор. Но не мислам дека бугарските пратеници се поопасни од Грците. Бугарите имаат свои внатрешни проблеми, кои се доволно големи, сакаат во Шенген, мора да се справат со корупцијата и организираниот криминал, сакаат поддршка на економскиот развој, бидејќи нивната земја е најсиромашна во Унијата, па би било смешно Бугарија да влезе во скандалозни напори во однос на други земји, вели Бокрош за Дневник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top