Во јануари годинава е регистрирана инфлација од 0,9 отсто. За тоа најзаслужни се повисоките трошоци во здравството од 13 отсто, алкохолните пијалаци кои поскапеле за 5 отсто и храната, која забележала зголемување од 1 отсто.
Зголемените трошоци за здравство се должат, пред сѐ, на повисоките цени на лековите, кои од јануари 2013 до јануари 2014 се зголемиле за 20,1 проценти, додека другите медицински производи поскапеле за 23,5%. Овој јануари медицинските услуги биле поскапи за 3,6 проценти во споредба со ланскиот.
Зголемувањето на трошоците во делот на алкохолни пијалаци и тутун се должи најмногу на растот на цените на пивото (за 12%), жестоките пијалоци (7,2%) и виното (2,5%). Тутунот во истиот период поскапел за 3,5%.
Инаку трошоците на живот во јануари во однос на декември се намалиле за 0,1 процент, но во истовреме цените на мало се зголемиле за 0,2 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.
Намалувањето на трошоците за живот, пред сè, се должи на намалените цени на јајцата за 2,5%, чоколадните производи 1,3%, овошјето 1,2%, лебот и житариците за 0,7% во јануари во однос на декември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.