| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците лани најмногу летувале во Македонија и во Грција

najubavite-zabavi-pokraj-plazha-niz-svetot-99309

Околу 37 проценти од Македонците што лани заминале на годишен одмор, тоа го сториле во сопствената земја, за разлика од Грците кои во рекорден број од 87 отсто си одморале на своите туристички дестинации, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Ова го покажува најновото истражување на Евробарометар, според кое половина од македонските граѓани што лани заминале на одмор (точно 50 проценти), тоа го сториле во некоја од земјите на Европската унија. Околу 17 проценти Македонци својот главен одмор го минале во Грција, седум проценти во Германија, шест отсто во Бугарија, пет проценти во Италија, три отсто во САД или Канада, два отсто во Словенија и Австрија, само еден процент во Хрватска и Шведска.
И во однос на тоа која друга земја ја посетиле ланската година, повторно најмногу, седум проценти, од Македонците биле во Грција, додека пет отсто во Бугарија. За тоа каде ги минале празниците, 37 проценти македонски граѓани тоа го сториле во сопствената земја, 24 проценти во Грција, 11 отсто во Бугарија и Германија, седум проценти во Италија, три отсто во Хрватска и во САД или Канада. Висок процент на Македонци (39 отсто), пак, својот одмор го минале во некоја од земјите што не се дел од ЕУ. Во однос на услугите што ги користеле на одмор, 43 Македонци се претплатиле на оброк или други услуги таму каде што биле, но не на варијантата за сѐ вклучено, во која уживале 22 проценти од нашите сограѓани. А, само шест проценти од македонските граѓани кои заминале на одмор се пожалиле на услугите добиени каде што престојувале.
Според истражувањето на Евробарометар, 55 проценти од Македонците барем една ноќ престојувале надвор од својата земја од лични или професионални причини, а 42 отсто тоа не го сториле ниту еднаш. Во однос на типот на одмор што го користеле, 51 отсто од
македонските испитаници тоа го сториле за период од 4 до 13 последователни преноќувања, 40 проценти имале кус престој од максимум три ноќи, додека 28 одсто одморале повеќе од 13 ноќи. Интересно е дека 48 проценти од нашите сограѓани што заминале на годишен одмор, лани се сместиле кај роднини или пријатели, 40 отсто во хотел или изнајмен стан, а 22 проценти во сопствен втор дом.
На прашањето која била главната причина што лани заминале на одмор, 60 проценти од македонските испитаници одговориле поради сонце и плажа, но 53 отсто посочиле и заради спа, велнес и здравствен третман. Точно 39 отсто од Македонците заминале да посетат
роднини или пријатели, 42 проценти се одлучиле одморот да го минат на планина или езеро, 21 отсто патувале од културно-религиозни причини, а 19 проценти за да посетат конкретен град. Според истражувањето, 44 проценти од Македонците би се вратиле на истото место каде одморале поради воодушевеноста од изгледот и одличното време, 32 отсто заради сместувањето, 30 проценти заради културно-историските атрактивности и 35 проценти поради поволната цена.
Она што е интересно е дека Македонците се меѓу процентно најбројните и дури 46 проценти од тие што заминале на одмор, при што за дестинацијата се одлучиле од лично искуство. По препорака на пријател или колеги, 45 проценти од нашите сограѓани заминале на одмор, 27 отсто за тоа се информирале од интернет, а 14 проценти преку туристички агенции. Исто така, рекордно најмногу во цела Европа, дури 35 проценти од Македонците го избрале местото за одмор на лице место, без претходна резервација, 29 отсто преку некој што го познавале на тоа место, 22 проценти преку шалтер во туристичка агенција и 21 проценти по интернет.
Во однос на испитаниците кои не биле никаде на одмор во 2013 година, 64 отсто од Македонците не го сториле тоа поради финансиски причини, 16 проценти од лични причини, шест отсто преферирале да останат дома, а четири отсто не можеле поради работни
обврски. Притоа, 17 проценти од Македонците во анкетата одговориле дека никогаш не заминале на годишен одмор, што е идентино со процентот на граѓаните на Литванија, а единствено има повеќе Романци и Унгарци (по 19 проценти) што никогаш не биле на одмор.
Многу, пак, е низок процентот (17 проценти) на македонските граѓани на кои сегашната економска состојба им го пораметува планот да заминат на годишен одмор оваа година, во што рекордери се граѓаните на Австрија (75 проценти), додека најнизок процент (10
проценти) има во Грција.
Според соопштението на Евробарометар, туризмот е едно од упоришта на европската економија за време на економската криза и позитивниот тренд ќе продолжи и годинава со само 11 проценти од европејците кои не планираат да патуваат надвор од својата држава
или да одат на годишен одмор.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top