ВМРО-ДПМНЕ во континуитет работи на развој на туризмот и на подобра промоција на македонската туристичка понуда. Како што рече денеска Момчило Аврамовски, член на Извршниот комитет на партијата, Владата презема низа мерки во оваа насока, а така и ќе продолжи со цел вбројување на државата на листата светски топ дестинации што вреди да се посетат.
– Развојот на туризмот е врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ. Првпат станува значајна стопанска гранка од која се очекува прилив на големи средства во Буџетот. Развојот на туризмот значи истовремено и развој на голем број услужни дејности и директно и индиректно зголемување на бројот вработени во Република Македонија – истакна Аврамовски, осврнувајќи се на конретно преземените и планираните мерки што допрва ќе се спроведат.
Се работеше, посочи, на реставрација и нови ископувања на бројните археолошки локалитети со кои располага Македонија, се реставрираат голем број објекти прогласени за споменици на културата, се врши одбележување и уредување на туристичките места и локалитети, се обезбедуваат услови за изградба на нови сместувачки капацитети, континуирано се врши промоција на македонската храна и вино и, најважно од сѐ, се работи на подобрување на патната инфраструктура која води до познатите туристички центри во Македонија.
– Фактот дека минатата година беше постигнат раст на странските туристи во споредба со 2012 година, говори дека напорите кои се преземаат од страна на Владата даваат резултати. Очекуваме дека во ситуација кога за 2014 година ќе бидат обезбедени двојно повеќе средства ќе продолжи трендот на раст на остварени посети, како на странските, така и на домашните туристи – истакна Аврамовски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува владината одлука двојно да ја зголеми поддршката на Агенцијата за туризам на 150 милиони денари.
Во правец на подобрување на туристичката промоција на Македонија е и одвојувањето 40 милиони денари, средства кои ќе се слеваат од игрите на среќа. Истовремено продолжуваат и другите активности за привлекување, пред сѐ, на странски туристи, како што се претставување реномирани саеми за туризам, меѓународна медиумска промоција и субвенционирање на тур-операторите и авиокомпании кои носат туристи во Македонија.
Пролетва се очекува да бидат воведени четири нови авиолинии до европски дестинации, Брисел, Франфурт, Париз и Рим, што дополнително ќе го зголеми бројот на странски туристи од европските земји, но и ќе овозможи македонските граѓани со евтини авиобилети да патуваат во овие градови.
Според Аврамовски, освен субвенциите за зголемување на бројот на туристи придонесе и намалената стапка на ДДВ од 18 на 5 отсто за туристичките услуги.
– Овие и многу други мерки преземени од Владата придонесоа Македонија да стане препознатлива и често посетувана туристичка дестинација – заклучи Аврамовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.