| четврток, 6 декември 2018 |

Еве како изгледало киднапирањето на авионот кој требаше да се пренасочи кон Сочи

Драмата со киднапирањето на авионот почна со почетокот на церемонијата за отворање на Олимписките игри во Сочи, Русија. Таму, на олимпискиот стадион, беа собрани илјадници спортисти од целиот свет и државни делегации на високо ниво. Обезбедувањето на стадионот беше на високо ниво, имајќи ги в предвид заканите пре почетокот на Олимпијадата дека Игрите ќе бидат мета на терористички напади.

Алармот синоќа се вклучил веднаш по полетувањето на авионот на компанијата „Пегасус“ од Харков, Украина. Во него имало 110 патници. Пилотот испратил сигнал дека постои обид за киднапирање на леталото. Сепак, тој успеал безбедно да го приземји авионот на оригиналната дестинација – аеродромот Сабиха Ѓокчен во Истанбул. Авионот бил придружуван од турски борбен авион Ф-16.

Пилотот и кабинскиот персонал во авионот на „Пегасус“ успеале да го убедат 45-годишниот маж, кој тврдел дека поседува бомба, дека тие ги следат неговите желби и дека леталото е насочено кон Сочи.

„Тој мислел дека оди во Сочи, ама кратко по слетувањето на авионот тој сфатил дека е во Истанбул“, информираше гувернерот на Истанбул Хусеин Авни Мутлу. Дека се во Сочи мислеле и другите патници во авионот.

Мутлу додаде дека киднаперот во обид најпрво бил убеден да ги ослободи жените и децата од авионот, а на крајот се согласил и останатите патници да го напуштат леталото. Драмата траела четири и пол часови.

„Нашите безбедносни слили се протнаа низ различни влезови за време на евакуацијата на патниците и со брза и ефикасна интервенција го совладаа киднаперот“, додаде Мутлу. Иако во рацете имал детонатор за бомба, во авионот не била пронајдена никаква бомба. При апсењето Украинецот бил полесно повреден и не било користено оружје за негово совладување. Тој е пренесен во болница. Дел од медиумите јавија дека човекот имал алкохолно труење, бидејќи бил премногу пијан.

Мутлу рече дека засега нема информации дека тој е член на некоја терористичка организација. Мотивот за овој чин е непознат. Украинецот, чиј идентитет не се открива, само рекол дека има „барања во однос на неговата земја“ и дека сака да испрати „порака за спортиските активности во Сочи“. Во текот на летот човекот одеднаш станал од своето седиште и почнал да вика дека има бомба во авионот, по што се обидел да влезе во пилотската кабина. Турските безбедносни органи информираа дека тој воопшто не успеал да влезе во пилотската кабина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top