Судии и советници од Вишиот управен суд, од Управниот cуд, од одделите за трговски спорови и граѓанските оддели на судовите од сите апелациски подрачја, претставници на Државното правобранителство на РM и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денеска учествуваат на советување на тема „Можни спорови во врска со искористувањето на фондовите од ИПАРД“.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, пред отворањето изјави дека советувањето има цел да се запознаат судиите со статусот и надлежноста на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, но и со легислативата на Европската унија и домашната хармонизирана легислатива во поглед на користењето на претпристапните фондови – ИПА, поконкретно петтата компонената ИПАРД.
– Ова е значајно со цел да се пресретнат идните евентуални случаи и спорови коишто може да се јават при примена на овие прописи бидејќи во практика може да се јават и управни спорови, граѓански спорови, a кривична постапка може да се поведе и за злоупотреба на одобрените средства – рече Арнаудовска, според која досега има неколку спорови.
Соработката со Академијата, како што рече директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Тони Димовски, е во насока на натамошно транспонирање на законодавството на ЕУ во Македонија преку блиски средби со надлежните институции кои потенцијално може да носат одлуки за некои постапки кои се воделе во делот на имплементацијата на претпристапната помош на ЕУ-ИПА, конкретно во делот ИПАРД.
– Станува збор за презентирање на нашите искуства како Агенција, но, исто така, и искуствата на судиите во насока на натамошно дорегулирање на оваа материја преку националното законодавство, во контекст на преземените обврски на Република Македонија преку спогодбите кои ги има склучено со ЕУ кои се однесуваат на регулирање на оваа материја – изјави Димовски.
Арнаудовска и Димовски денеска потпишаа и меморандум за соработка со кој, како што рече Арнаудовска, се потврдува заедничката заложба на двете институции да дадат свој придонес за зајакнување на капацитетите на македонското судство, што е еден од главните приоритети за членство на РМ во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Гордана посредува за невести од Албанија: Ако таткото излаже дека е невина, настанува хаос
-
Во Македонија се уште мал бројот спорови се решаваат со арбитража
-
Во јануари повик за користење средства од програмата на ИПАРД
-
Платежна агенција: Не се злоупотребени средства од ИПАРД, туку се спречени обиди за измама