| четврток, 6 декември 2018 |

Принцезата Кристина пред шпанскиот суд поради корупција

Шпанската принцеза Кристина денеска е изведена пред судот во Мадрид, за да биде испрашувана за корупцискиот скандал во кој е вмешан нејзиниот сопруг, некогашниот најпознат шпански ракометар Инаки Урдангарин.

Ова е прв пат во историјата на Шпанија, висок член на шпанското кралско семејство да биде изведен на суд, за една криминална истрага.

Урдангарин, зет на шпанскиот крал Хуан Карлос, е осомничен за измама и за перење на пари во врска со непрофитната организација „НОС“ на која тој е претседател, а принцезата е член на управниот одбор.

Организацијата била создадена за изградба и организирање на низа спортски настани на Балеарските Острови и во реонот на Валенсија.

Според јавното обвинителство Урдангарин злоупотребил 5,6 милиони евра јавни средства на локалните влади, на регионите каде дејствувала организацијата „НОС“. Обинителството тврди дека принцезата Кристина не само што знаела за работењето на својот сопруг, туку дека трошела од овие средства.

Тие двајцата досега постојано тврдат дека не се виновни и дека не сториле ништо противзаконско. Кралската палата во Мадрид потврди дека целиот случај, а посебно сослушувањето на принцезата Кристина му наштетува на угледот на целото кралско семејство. Пред судот во Мадрид,поголема група републиканци демонстрира против монархијата во Шпанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top