| четврток, 6 декември 2018 |

Емица Ниами- Налбантиќ за Република: Зошто се протестира во БиХ?

bosnia-3.siСостојбата во Босна и Херцеговина се најдоа во центарот на вниманието на јавноста. Специјално за Република сликата од биХ ја пренесе Емица Ниами- Налбантиќ, претседател на Здружението на граѓани со македонско потекло во БиХ.

„Државата ја тресат граѓански демонстрации што пред три дена започнаа во Тузла. Попладнево се демолирани и запалени зградите на Претседателството на БиХ, на Владите во Тузла, Сараево, Зеница, Мостар. Граѓаните демонстрираа и во Бихаќ, Бања Лука, Приједор. Полицијата со која демонстрантите неколку пати се судрија и која интервенираше со солзавец, соопшти дека не може повеќе да ја држи ситуацијата под контрола.

тузлаСамо во Сараево има повеќе од 30 повредени лица, полицајци, граѓани, новинари. „За слобода, за правда, ќе ја урнеме секоја Влада“, „Ние молчиме, тие крадат“, „За џабе молчите, ќе биде уште полошо“. Ова се само дел од паролите што демонстрантите ги носеа. Бараат подобар живот, вработување, оставки од премиерите на кантоналните Влади. Тузланскиот вечерва ја поднесе. Останатите молчат за барањата, ретко кој од нив излезе во јавноста. Еден од оние што се појави беше, министерот за безбедност, Фахрудин Радончиќ кој воедно е и претстедател на Партијата за подобра иднина, кој рече дека ова е очекувано граѓанско цунами, дека проблемот е политички и резултат на работата на крадците во власта.

Тоа и не е тешко да се заклучи, ако се има предвид дека на улица најпрво излегоа отпуштените работници од приватизираните пропаднати фирми. Им се придружија невработените, студентите, средношколците, пензионерите, инвалидите. Во сите градови на Босна и Херцеговина, без разлика на нивната етничка припадност. Сите оние кои се незадоволни од сегашната економско-социјална ситуација во која живеат. Сиромаштијата се чини, го зема својот данок. Сето ова беше за очекување, ако се има предвид дека незадоволството веќе со години се таложи, со години народот се буни против власта, од која е крајно незадоволен, заради нивните високи и редовни плати, нивните бенифиции, раскрчмувањето на претпријатијата и државните пари, заради се поголемиот број на социјални случаи, пропаднатата економија, кредитните задолжувања кон странство.сарајево

Заради неперспективноста која младите, кои во се поголем број заминуваат во странство не ја гледаатт во оваа државата, а пред се поради индолентниот однос на власта кон народот, која доејќи го со националистички изговори за економскиот непросперитет, успева веќе 20 години да се одржи на власт. Иако демонстрантите вечерва полека почнаа да се повлекуваат, најавија дека ќе продолжат со протестите. А во меѓувреме по улиците почнаа да дивеат и мали групи млади луѓе, кои демолираат трафики, семафори, палат контејнери“- пишува за Република Емица Ниами- Налбантиќ, претседател на Здружението на граѓани со македонско потекло во БиХ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top