| четврток, 6 декември 2018 |

Филмовите од Берлинскиот фестивал и во македонските кина

The Grand Budapest Hotel

„Гранд хотел Будимпешта“, новото остварување на култниот режисер Вес Андерсон, со кое се отвори 64. Берлински филмски фестивал, домашната публика ќе има можност да го погледне од 6 март. Приказната за филмот се случува во имагинарниот, раскошен хотел, некаде во источна Европа, каде што се преплетуваат живописни карактери и нивната љубов и омраза, а главните улоги ги толкуваат прекрасните актери: Ралф Фајнс, Едвард Нортон, Џуд Лоу, Адриен Броди, Бил Мареј и Тилда Свинтон.

Од ненатпреварувачката програма на Берлинале можеме да го издвоиме и филмот „Чувари на наследството“, чијшто режисер е Џорџ Клуни, кој и глуми во истиот филм.  Покрај него, во акцијата што се одвива на крајот на Втората светска војна играат и Мет Дејмон, Бил Мареј, Џон Гудбам и Кејт Бланшет. Филмот „Чувари на наследството“ ќе биде прикажан надвор од натпреварувачкиот дел на фестивалот, а публиката во Македонија ќе има можност да го погледне веќе од следната недела, поточно од 13 февруари.

Француската актерка Леа Сејду, покрај епизодната улога во филмот „Гранд хотел Будимпешта“ глуми и во прекрасната француска фантазија „Убавицата и ѕверот“ на Кристофер Ганс, кој ќе го затвори ненатпреварувачкиот дел на Берлинале, а со тоа воедно ќе ја доживее и својата меѓународна премиера. Во нашата земја, во кината, публиката ќе го гледа Вансен Касел во улогата на ѕверот и талентираниот Леу во екранизацијата на една од најпознатите француски бајки, веќе од 20 март.

Перуанската режисерка Клаудија Љос, чијшто филм „Млекото на тагата“ ја освои наградата Златна мечка во 2009 година и беше номиниран за „Оскар“, премиерно ќе го прикаже своето најново остварување „Вистина“ во рамките на Берлинале. Филмот во кој глумат Џенифер Конели и Силијел Марф ја раскажува приказната за една мајка, која е одвоена од својата ќерка, која е болна.

Во рамките на Берлинале, Форест Витакер како поранешен затвореник и Харви Кајтел како шериф опседнат со одмазда, се сретнуваат во филмот „Двајца мажи во градот“, во режија на француско-алжирскиот режисер Рашид Бушареба. Дистрибутерската куќа МЦФ МКД овозможува и ова остварување да се најде на репертоарот напролет.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top