Еврозоната не се соочува со дефлација, иако ниската инфлација би можела да биде загрижувачка на долг рок, изјави гувернерот на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги.
– Нема дефлација во еврозоната, но соочувањето со ниска инфлација на подолг период претставува ризик сам по себе – истакна Драги.
Претседателот на Европската централна банка, најави дека ЕЦБ од наредниот месец ќе иницира мерки поради многу ниската инфлација во еврозоната, кога ќе бидат достапни сите оперативни извештаи за економијата.
– Свесни сме за ситуацијата и спремни сме за акција – изјави Драги во Франкфурт по објавата дека ЕЦБ ќе ја задржи основната каматна стапка на рекордни ниски 0, 25 %. Тој наведе дека висината на каматната стапка е поврзана со комплексноста на состојбата и дека се потребни дополнителни информации.
Европската централна банка ќе ги објави кварталните макроекономски предвидувања наредниот месец , вклучувајќи ја првата прогноза за движењето на инфлацијата до 2016 , што во блиското минато главно значело дека ќе дојде до поддршка за ублажување на каматните стапки.
Драги се обидува да ја води еврозоната преку многу кревко закрепнување и сеопфатна здравствена проверка на банкарскиот систем, како и преговорите на глобалниот пазар по одлуката на американските федерални резерви да продолжат да ја стимулираат економијата.
– Постои простор за понатамошни чекори оти инфлацијата е многу ниска – смета Кристијан Шулц, економист во лондонска банка. Тој смета дека ако експертите од ЕЦБ заклучат дека инфлацијата ќе остане ниска до 2016 година, треба да дојде до намалување на каматните стапки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.