| четврток, 6 декември 2018 |

Хорор-филмови од денеска во „Синеплекс“

Од денеска  на репертоарот на Синеплекс за најхрабрите се резервирани хорор-филмовите „Детето на злото“ и „Паранормална активност: Обележани“, како и римејкот на „Робокап“, а за најмладите и анимираниот „Лего Филм“.Во филмот „Детето на злото“ дејствието ја следи заљубената брачна двојка Зак и Саманта кои по големата венчавка во црква заминуваат на тропски меден месец со големи планови за иднината. Меѓутоа, плановите се комплицираат во оној момент кога на патувањето ќе се изгубат и Саманта неочекувано ќе остане бремена. Наспроти тоа, тие продолжуваат да ја слават својата љубов, бележејќи ги сите моменти со видео камера. Набргу вознемирувачки случувања ќе почнат да укажуваат на тоа дека бебето кое го носи Саманта е олицетворение на вистинското зло.

За одлуката да го режира токму „Робокап“ Хозе Падила изјавува: „Сакав да снимам филм кој говори за релацијата помеѓу фашизмот и автоматизацијата при спроведување на законите, како што впрочем беше и со првиот филм. Но сакав да го направам актуелен, согласно фактот дека сме на работ да се соочиме со оваа реалност“. Тој додава „Предизвик беше да направам филм кој ќе допре до главните политички идеи и кој ќе прикаже што значи да останеш хуман, а во исто време да ја
задоволиш широката публика. Мора да направиш баланс меѓу драма и забава, но преку вистинскиот тон на изразување.“
И Македонија е дел од оваа филмска приказна. Студиото за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х беше дел од тимот на изработката на ефектите на најпознатиот полицаец на светот Робокап, резултат на соработката со Method Studious која започна во 2013. На филмот работеа 22 артисти на 112 кадри со должина од 118 минути.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top