| четврток, 6 декември 2018 |

Конаците на Трескавец ќе се обновуваат во неколку фази

Се наврши една година од катастрофалниот пожар во манастирскиот комплекс „Успение на пресвета Богородица“ Трескавец кај Прилеп кога во попладневните часови до темел изгореа манастирските конаци. Локалната самоуправа соопшти дека комплексот ќе се гради фаза по фаза.

– Се доработуваат некои делови на проектот за што поавтентичен изглед на манастирските конаци. Станува збор за површина од 1.400 метри квадратни. Откако ќе се доработи, последниот збор го има Националниот конзерваторски центар од Скопје за потоа да се распише тендерот за изведувач. Ќе се гради фаза по фаза и според пресметките се ќе чини 77. 432.000 денари, вели директорката на Прилепскиот завод и музеј, Гордана Данилоска Спироска.

Незапирливо тече донаторската акција за обнова на конаците, информира прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

– Досега фирми, граѓани, институции, а донира и локалната самоуправа се собрани околу 100.000 евра. За рекордно време се изгради и патот до манастирот во должина од седум и пол километри. Со два милиона евра го финансираше Министерството за транспорт и врски. Патот многу ги олеснува работите – и за посетителите да стигнат до манастирот и за полесно да се одвиваат идните градежни работи, изјави Ристески.

Тој очекува работите за обнова на конаците да почнат со новата градежна сезона.

– Се надеваме дека со новата градежна сезона ќе почне обновата, фаза по фаза. Уверувам дека изградбата на конаците ќе заврши за околу две години, вели Ристески.

Откако е изграден патот до манастирот Трескавец, пуштен во употреба на 28 август 2013 на празникот Голема Богородица, манастирскиот комплекс и споменик на културата го посетиле над 50.000 туристи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top