Проблематичната реформа на американското здравство наречена Обамакер се соочи со нов силен удар, откако државниот аналитички центар ЦБО, кој е задолжен да врши проверки на законите за потребите на Конгресот, оцени дека Обамакер ќе избрише два милиони работни места во САД за само три години.
Извештајот проценува дека начинот на кој е осмислена Обамакер, и поддршката која ја дава за невработените во САД, ќе доведе до тоа два милиони луѓе да се повлечат од своите работни места.
Ова особено ќе се однесува на најсиромашните вработени граѓани, кои за да добијат поефтино здравствено осигурување според Обамакер, ќе мора да заработуваат помалку пари, или да работат помалку часови во неделата. Истото ќе се однесува на постарите работници, кои исто така ќе се обидат да работат помалку, за да продолжат да добиваат субвенции додека не успеат да се префрлат на Медикер – државната здравствена програма за пензионери. Пресметката предизвика остри реакции од Републиканската партија, која деновиве се подготвува за новата пресметка со владеачката Демократска партија околу нивото на долг на САД.
– Здравствениот закон на претседателот предизвикува неизвесност за малиот бизнис, ги намалува приходите на граѓаните и прави да е потешко да се инвестира во новите работници. Средната класа е под притисок во ваквата економија, а извештајот на ЦБО потврдува дека Обамакер само ги влошува работите, изјави Џон Бојнер, претседавач со Претставничкиот дом на САД.
Белата куќа се брани дека проценката се однесува на граѓани кои доброволно би се откажале од своите работни места, или би работеле пократко, одбирајќи да добијат поефтина здравствена заштита.
Но, републиканците велат дека преостанатите вработени ќе мораат да ги платат поефтините осигурителни полиси на ново-невработените граѓани така што ќе плаќаат поскапи полиси.
Во текот на февруари се очекува да продолжи расправата за нивото на долг на САД, бидејќи неделава истекува рокот во кој двете најголеми партии се согласија да продолжи непреченото задолжување на САД. Од октомври до денес, долгот на САД порасна од 16,74 на 17,26 трилиони долари.
Сепак, се очекува републиканците да постават дополнително барање до Обама, да се укине дел од Обамакер, кој обезбедува државна помош за здравствените осигурителни компании кои би се соочиле со прекумерки загуби поради ефектот на законот во првите три години од неговото стапување на сила. Опозицијата вели дека оваа одредба претставува државна помош за осигурителните компании со која вештачки ќе се финансира функционирањето на Обамакер и ќе се нудат нереално пониски полиси платени од буџетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.