
Предлог-измените на Деловникот поднесени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ официјално стигнаа во Собранието, пишува „Дневник“. Измените за кои е предвидено да бидат гласани по скратена постапка се очекува да бидат ставени на денешниот дневен ред на парламентот.
Забележително е дека најсуштинска е промената во постапката за донесување на измени на Уставот. Претресот за предлог-буџетот и за разгледување на законите со европско знаме се исто така дел од суштинските измени. Според објаснувањето во Предлог-деловникот, досегашната примена на највисокиот собраниски документ покажала потреба од доуредување на делот од постапката при разгледување на предлозите на законите.
Предлагачот Александар Николовски појасни дека измените се поради исправање на аномалиите на постојниот Деловник.
– Затоа предложивме измени на четирите клучни области – постапката за носење Устав и амандмани за Устав, за носење буџет, законите за приспособување со ЕУ и законите што се во надлежност на комисијата за финансирање и за буџет и за целокупната економија за која е надлежна Kомисијата за економски прашања – вели Николовски.
Според него, во постојниот Деловник на ниеден начин не е решена постапката за измени на Уставот ниту, пак, е решена работата на уставната комисија.
– Тоа беше аномалија на Деловникот и затоа предложив вакви измени – вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Измените ги ограничуваат и претресот за уставните измени и говорите на пратениците, што претходно не беше случај. Предлагачите предвидуваат претресот за уставните измени да трае најмногу десет работни дена. Народен избраник во текот на претресот може да говори повеќепати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Предлагач на измените може да говори повеќепати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Со измените се ограничува и расправата за уставните амандмани во комисиите и може да трае најдолго три дена за секој амандман одделно, со што расправите се ограничени на 10 и на 15 минути во зависност од тоа дали се работи за пратеник, координатор или за предлагач на амандман.
Се предвидува и сосема нова постапка за тоа како треба да поминува буџетот во собраниските тела. Kако што велат и самите предлагачи, измените се иницирани поради неодамнешниот проблем со донесувањето на буџетот за 2013 година кога опозицијата го закочи донесувањето на најважниот финансиски акт во државата поднесувајќи илјадници амандмани. Се предвидува дека претресот за предлог-буџетот во матичното работно тело, но и во Законодавно-правната комисија може да трае најмногу вкупно десет работни дена. Со ова се овозможува и паралелна расправа на двете комисии (за финансирање и за буџет и на Законодавно-правната комисија), што исто така беше проблем во декемвриската расправа за овогодишниот буџет.
– Со вакви рокови, кои треба да се почитуваат при донесувањето на овој акт, буџетот практично би можел да се донесе за помалку од три недели – се вели во Предлог-деловникот.
Законите со европско знаменце, според измените, исто така ќе се разгледуваат во посебна постапка во собраниските работни тела. Така, општиот претрес за ваков закон во матичната собраниска комисија може да трае најмногу три дена, а меѓу другото, членовите на оваа комисија може да се јават за збор повеќепати, но нивните говори може да траат вкупно 20 минути.
Скратената постапка за овие три типа закони, според измените, предвидено е да трае два дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


