| четврток, 6 декември 2018 |

Фирма ќе може да се основа електронски за 4 часа и без трошоци

saracini-valjon1

Секој трговец-поединец веќе нема да има обврска физички да пријави или да основа фирма, туку тоа може да го направи по електронски пат за само четири часа и без никакви трошоци. Ова е дел од последните измени и дополнувања на Законот за трговски друштва, кои пред една недела ги усвои Владата и веќе се влезени во собраниска процедура, информираше денеска министерот за економија, Ваљон Сарачини.
Измените на Законот, како што нагласи, се во насока на подобрување на општата бизнис-клима во земјава и се работени по насоките на извештајот од Светска банка со цел Македонија повисоко да биде рангирана во делот на правење бизнис.
– Битна измена е што сите содружници, управители и членови на органи на управување кај кои е почната постапка за бришење фирма од Централниот регистар во наредните три години нема да имаат право да основаат фирма – рече Сарачини.
Досега, како што кажа, многу трговци поединци кои основале фирми и немале никаква активност не поднесуваа барање фирмите да бидат затворени поради што беа евидентирани како неактивни фирми.
– Бројот на неактивни фирми изнесуваше преку 20.000 и ни правеше проблем во извештаите на Светска банака и во другите извештаи за Република Македонија да се рангира повисоко. Со измените трговецот поединец што нема да поднесе барање во Централен регистар за да се избрише неактивна фирма и доколку е потребно државата да го направи тоа, нема да има право три години да основа ново друштво. Покрај тоа, нема да имаат право да бидат управители, ниту, пак, членови на управување на некој орган – прецизира Сарачини.
Тој посочи дека измените предвидуваат и содружниците во друштвата кои должат по основа на неплатени даноци, царини или други продонеси да не можат да купуваат или да продаваат удели на некој друг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top