Горазд Чаповски е конецот што ги поврзува луѓето и идеите што некогаш бea синоним на името „Мизар“, група што се роди во предвечерјето на распадот на Југославија, учествуваше во осамостојувањето и беше сведок и коментатор на транзициска, рамковна, посттранзициска Македонија. Во годината кога се одбележуваат 30 години од основањето на „Мизар“, имаме добар повод за интервју со него.

Зад нас се три децении од основањето на „Мизар“, име што, пред сè, се сфаќа како име на еден од најважните македонски бендови, но, и брендови воопшто, можеби еден од најдобрите извозни артикли на сите времиња. Како од оваа дистанца гледате на влијанието што го направивте во време кога зборувавме српски дури и со тие што совршено нè разбираа кога говоревме на мајчиниот јазик?
Чаповски: „Мизар“ и, воопшто, авангардната уметничка сцена во поранешната држава, беа логична последица, пред сè, на еден привиден мир од 30 години, каде што македонскиот народ имаше можност да ги изгради сите потребни институции на една држава, држава-сојузник на Антифашистичката коалиција, победник во Втората световна војна. Ова го кажувам, пред сè, гледано низ призмата дека кога ќе ги оставиш балканските народи на мира, неколку децении тие даваат одлични резултати, како на политички, така и на спортски и уметнички план. Кога министер за надворешни работи во СФРЈ е Иво Андриќ, не е ни чудо што се појави новиот бран,еден извонреден уметнички концепт, на кој, секако, припаѓа и „Мизар“. Како дете растено меѓу писатели, сеќавајќи се на вечерните беседи на Гане Тодоровски — кумот што ми го дал името Горазд, или на извонредните говори на Бранко Ставрев и на Ацо Алексов, уште од мал знаев дека во создавањето на автентичен уметнички концепт, секако, има логична смисла и употребата на сопствениот јазик. „Мизар“ пееше уште од „Првото откровение“ на македонски. Секако, морам да го споменам тука и Ристо Вртев, првиот фронтмен на „Мизар“ и неговиот огромен придонес во развитокот на македонскиот јазик. Инаку, пресвртница на групата беше судирот со Оливер Мандиќ, главен уредник на ПГП-РТБ во 1987 година, кој инсистираше да пееме на српски за да ни издаде плоча — првите крути знаци на национализмот како општествена појава во СФРЈ. Секако, „четникот“ доби корпа, a словенечкиот „Хелидон“ стана издавач на првиот албум на групата.
Чувствувавте ли неправда што во земјава бевте само „обичен андерграунд“, група разбрана од мал број луѓе, а ѕвезди станавте дури откако Словенија и Хрватска ве прифатија како како нешто најзначајно што се случило во целиот регион?
Чаповски: Никогаш не сум имал проблем ако ме разберат мал број луѓе. Групата беше и создадена како обична андерграунд група, по урнекот на Ник Кејв, „Џој Дивижн“… Тука морам да ги споменам трите концерти што ги гледав во 1984 година во клубот „Хевн“ (Heaven) во Лондон.Тоа се концертите на „Ник Кејв енд д бед сидс“ (Nick Cave and the Bad Seeds), „Ајнштурценде нојбаутен“ (Einstürzende Neubauten) и Нико (Nico), кои имаа пресудно влијание врз мојот музички живот понатаму. А, тоа што нè прифатија во Македонија дури по успехот во Загреб и во Љубљана,тоа е класичниот концепт на — Македончето, невидена фрустрација на пониска вредност. Така, кога ќе размисли човек малку подлабоко — човек ќе го посвети целиот живот да ја искорени таа фрустрација, која е еден вид специјална војна против македонската кауза. Нели, во деведесеттите се зборуваше те Македонија не може сама, те – мал народ сме, не ќе сме можеле да се прехраниме, те не сме имале економија и будалаштини од секаков тип. Веќе.22 години подоцна, се покажа сосема спротивното, така што желбата на Самарас ќе остане само „пуста желба“.

Ќе запре ли некогаш тој синдром на себенепочитување сè додека не се докажеме во светот? Зошто Македонија нема свои репери, параметри за вреднување, пред сè, во музиката, во културата?
Чаповски: Асномска Македонија, мора да се признае, остави извонреден белег во основање на првите културни институции. Колку ли само книги се испечатија, колку филмови се снимија! Мора да се признае дека, на одреден начин, Тито ја поддржуваше македонската кауза, колку што беше тоа дозволиво во тогашната федерација. МАНУ беше одлична база во создавањето на македонската култура. Тоа што некои работи се упропастија во деведесеттите години — од историски аспект можеби оправдано: војни, блокади — е сосема друга работа.Неколку пати сум кажал, кај нас постојат две групи луѓе. Едните, кои мислат дека сè што е од тука, домашно, е нецивилизациски, „сељачки“, дури и дека сме варвари во споредба со испегланите Западноевропејци. Тоа е една квазиинтелектуална структура, која се срами од своите корени и од својата „сина крв селанска“, жива беда. Од другата страна, имате друга групировка, на која светогледот на животот ѝ е од Богородица до Танушевци, една балканска турбофолк-варијанта, која, пак, мисли дека сè што доаѓа од Западот е ѓубре. Бидувајќи така, многу е тешко да создаваш репери и параметри во својата култура наоѓајќи се меѓу овие две групации. Особено како „центар“ — ќе те збришат, и едните и другите, познавајќи ја нивната агресивност и провинциска самобендисаност.
Ако кажете дека извршивте огромно влијание во македонската музика ќе биде нескромно, но ако „Република“ каже дека освен во музиката извршивте огромно влијание и во начинот на кој дотогаш размислуваше македонската интелигенција — тогаш тоа ќе биде комплимент. Се чувствувате ли „виновни“ што поттикнавте една силна духовна енергија во едно време-невреме?
Чаповски: Како што кажав на почетокот, „Мизар“ беше дел од целата авангардно-анархистичка сцена од почетокот на осумдесеттите години, исто така, дел и од движењето „Македонска стрелба“. Тоа беа времиња на промени, времиња на духовна и на културна револуција. Голем дел од македонските интелектуалци не можеа да го препознаат тоа, а и како би го препознале кога беа само слуги на Белград. „Мизар“ дојде во директна војна со дел од нив, кои на секаков начин се трудеа да ги минимизираат групата и нејзините политички ставови. Исто така, морам да кажам дека имаше и силна струја што нè поддржуваше – Оливер Белопета, Велибор Педевски, Горан Стефановски, Љупчо Јолевски, редакцијата на тогашното прогресивно списание „Млад борец“… – што, на некаков начин, ѝ овозможи на групата да преживее во тие бурни години. Проблемот со македонската интелигенција во осумдесеттите години беше тоа што немаше никаква визија за државата и за реалните проблеми во тогашната држава, Југославија. Исто како што Тито немаше визија во педесеттите години, по потпишувањето на мировниот пакт со Грција и со Турција, и дадените 100 милијарди долари од Америка, место да влеземе тогаш во НАТО и во ЕУ, со што ќе бевме едни од основачите. Не се знае од кои причини, човекот во 1955 година го прима Хрушчов во Белград и отиде по патот на неврзаните. Како заврши тој пат на сите ни е познато. Независна Македонија за голем дел од тогашната македонска елита беше „Судниот ден“ или „Day D“ – како што велат Американците; Содома и Гомора, нешто најстрашно, на што не си смеел ни да помислиш, а тек обединета – си го нафркал обавезно!
Неодамна бевте номинирани за наградата „Најдобар промотор на Македонија“ како „група, која имаше клучно значење во будењето на македонската самосвест и во ширењето на македонскиот идентитет во пресрет на распадот на Југославија и осамостојувањето на РМ“. Го делите ли впечатокот дека „Мизар“ е неправедно заборавен кога станува збор за државни почести и награди?
Чаповски: Во својата триесетгодишна кариера „Мизар“ има добиено само две награди. Првата е од списанието „Млад борец“, во 1988 година, и второто беше сега, 2011 година, како промотор на македонската култура. Да бидеме искрени, наградите се некаков вид сатисфакција за сопствениот труд, меѓутоа, за една музичка група е битно да опстане и уметнички да преживее со својот концепт. За мене најголема сатисфакција е што „Мизар“ во моментов има млада публика, од 15 до 30 години. Поголема награда од тоа, не постои. Како што кажав на почетокот на интервјуто, секогаш имало и ќе има луѓе што ќе се „шлепуваат“, во секое време, и ќе профитираат на секаков начин. Лично познавам луѓе што кон крајот на осумдесеттите ќе ти ги извадеа очите по зборот „Македонија“, за сега да бидат најголемите патриоти. Но, тоа е животот. Нема бегање од тоа.
Имавте можност да живеете во неколку држави и во разни стадиуми од развојот на современото општество — во некогашна Југославија, во Лондон, во Мелбурн и повторно на местото на почетокот, во денешна Македонија. Низ призмата на тие искуства, во какво време живееме? Какво време ни претстои?
Чаповски: Во време кога само еден процент од луѓето во Америка го имаат целиот општествен капитал, не ти преостанува ништо друго освен на стари години да станеш комунист, и тоа од најлош радикален тип, како на пример Троцки – се шегувам – што значи, од националист во младоста, стануваш левичар во староста – обратен процес, што нема никаква логика. Значи, не е далеку денот кога „Владата Билдерберг“ ќе ни објави данок на дишење воздух и на пиење вода – тоа е во тек. Какво општество ќе им оставиме на идните генерации е големо прашање, во стилот „да се биде или не“, или пак „подобро во гроб отколку роб“. Уништувањето на суверенитетот на државите, уништувањето на бракот како основна единка на кое било општество, уништувањето на верата – се сигнали по кои човек и не може да биде некаков оптимист. Страшната медиумска манипулација, очигледно, ќе ги направи луѓето робови на една светска влада, која ќе нѐ раководи нас како робови. Му се смеевме на Орвел во осумдесеттите, но, види ти, имало и пострашно. Но, сепак, да се надеваме дека, како и секогаш, ќе победи добрината на човекот, без која не може да се изгради едно хумано и позитивно општество. Како што гледам, државниот капитализам и реформите во здравството на демократите во Америка доживеаја пораз, така што ситуацијата не е баш розова. Обама, очигледно, бил класичен популизам, без некакво суштествено и реално дејствување.

За нецели две години, поточно, само неколку недели откако ја промовиравте песната „Бело Море“, најголем дел од Македонците, особено тие по потекло од Егејска Македонија – ја доживеаја како симбол на една неправда што се случи во Грчката граѓанска војна. Се разбира, има и такви што обвинуваат дека „Бело Море“ е политички ангажирана песна за потребите на националната агенда.
Чаповски: Со концептот на албумите на „Мизар“ никогаш не се правело компромис. „Мизар“ има свој издавач, во Словенија, една од најголемите издавачки куќи во регионот, „Далас рекордс“, така што дури и да биде новиот албум музика на тенџериња и на клопотарци, плус зурли и тапани, со психоделични гитари — тие ќе го издадат. „Бело Море“ беше посвета на мојот дедо Лазо, борец на Петтиот баталјон на ДАГ, и борец на Втората грчка бригада од 1941 година, кога Македонците и Грците заедно ги растурија, до коска, Италијанците. „Бело Море“ е, навистина, химна на една голема неправда, па секакво дневно политизирање на оваа тема е излишно. Точно е дека секој уметник може дури и да манипулира со политички теми, од маркетиншки причини, но и тоа е дозволено. Како што вели Боб Дилан: „Јас пишувам политички песни, но крајниот резултат е чиста емоција, и ако народот го сака уметничкото дело, тогаш сè е оправдано“. Најголем комплимент за мене беше кога сестра Макрина (игуменија во манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Берово, н.з.), ми кажа дека тетка Пена, мајка ѝ од Егејска Македонија, ја слуша песната цел ден, без престан.Тоа што на „Мизар“ и на ВМРО во одреден момент им се совпаднале идеолошките погледи на светот е сосема друга работа. На пример, песната „Велигден“, која ја напишав во 1988 година, беше хит низ целата поранешна држава, а колку што знаеме, тогаш не постоеше ни ВМРО, ни СДСМ, а точно е дека песната тогаш ја напишав со интенција да ѝ помогне на националната агенда, но, очигледно, било прерано. Исто така, на пример, имате еден неделник, кој постојано ја слави српската сцена, а треба да биде либерален и демократски, Такво србување од музички новинари досега немам видено, дури ни во СФРЈ.
„Наградите се некаков вид сатисфакција за сопствениот труд, но, за еден музички бенд е битно тој да опстане и уметнички да преживее со својот концепт. За мене најголема сатисфакција е што „Мизар“ во моментов има млада публика. Поголема награда од тоа, не постои“
Во 2001 година бевте еден од ретките македонски интелектуалци што не избегаа од земјава, можеби единствен што по своја волја беше бранител. Место во Ханиоти и во Пефкохори, тоа лето го поминавте на Кумановскиот фронт. Ако – не дај Боже! – повторно се соочиме со слична ситуација, каде ќе биде Горазд?
Чаповски: Секогаш сум се прашувал што се случи со Сараево по тој триумф со Олимписките игри во 1984 година. Таков спој на либерален капитализам и либерален социјализам светот немаше видено. Со еден збор, народите во поранешната држава ги чекаше добра иднина. Во тоа време бев во војска, во Урошевац, и му бев многу љубоморен на другар ми Мрвољак Расим, кого поради Олимписките игри го пуштија да си оди дома, на отсуство. Подоцна од другар ми Бранко Врдољак дознав дека Расим загинал за време на опсадата на Сараево.
Да не го тапам повеќе – народите на Балканот секогаш биле колатерална штета кога големите сили „си ги мерат“. Така и случувањата од 2001 година се една темна слика во историјата на оваа земја, која била жртва секогаш кога имало светски војни и геостратегиски политички прегрупирања. Сигурен сум дека „2001“ е политички експеримент, а резултатите се, очигледно, веќе видливи. Во секој случај, подобро е да ги гледаме Македонците и Албанците како излегуваат среќни од „Сити мол“ со полни кеси, отколку да ги гледаме како се мачат со пушки в раце.
Разговараа: Васко Марковски и Горан Момироски
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


