Сите фирми од утре задолжително ќе треба електронски да пријавуваат и одјавуваат здравствено осигурување преку веб-порталот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева – Змејкова, вели дека електронската услуга за фирмите е воведена во декември и тие пријавувањето и одјавувањето на вработените и нивните семејства, место во подрачните служби на Фондот, може да го прават од својата канцеларија за што треба да имаат овластено лице, кое има активна електронска здравствена картичка и читач, кој чини околу 600 денари.
– Во Македонија има 75.500 фирми од кои 70.000 се активни. Состојбата не е задоволителна бидејќи досега има 2.000 фирми, кои доставиле овластување и кои почнале да ја користат оваа алатка. Тоа е мал процент во однос на 70.000 активни фирми. Сепак, има одредени градови каде што податоците се охрабрувачки. На пример, во Струмица повеќе од 20 проценти, а во Битола околу 12 проценти од фирмите веќе ја користат таа платформа, а другите градови заостануваат – вели Парнарџиева – Змејкова.
Таа апелираше до сите фирми, во најскоро можно време да достават само едно овластување од свој вработен што поседува електронска картичка, за да може да се регистрира на веб-порталот на Фондот и потоа да не треба да доаѓаат во подрачните служби на Фoндот.
Според Парнарџиева – Змејкова, откако е воведена електронската услуга, одредени фирми веќе почнале да ја користат, додека други барале обуки и тие биле реализирани во јануари.
– Остануваме отворени доколку има потреба да ни се пријават на е-пошта и ние врз основа на тоа креираме група и правиме кратка обука. Користењето на нашиот веб-портал е многу едноставно. Значи треба една кратка обука за секоја фирма да почне да го користи. Оваа алатка е воспоставена само за нивно добро, за да не доаѓаат во подрачните служби на Фондот, за да си ја завршат пререгистрацијата или новото пријавување – вели Парнарџиева – Змејкова.
Таа истакна дека во моментот имаат голема активност околу дистрибуирање на електронските здравствени картички и дека од 3 февруари почнува годишната пререгистрација на 220.000 граѓани во државата кои добиваат придонес платен од Министерството за здравство. За да ја добијат паричната помош, треба од 1 февруари до 1 април да дојдат во Фондот и да достават изјави дека имаат ниски приходи.
– Тоа значи дека во подрачните служби на Фондот во следниот период ќе имаме големи турканици заради потребите на осигурениците и затоа нашите шалтери кои досега беа на располагање на фирмите ќе ги редуцираме и ќе ги пренасочиме за осигурениците, а на фирмите практично сме им овозможиле електронска брза услуга без физички контакт со Фондот. Се надевам дека и овој повик ќе ги охрабри фирмите да дојдат побрзо да се регистрираат и да ги избегнат турканиците во подрачните служби – вели Парнарџиева – Змејкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ако одите на одмор во странство: ФЗОМ со важно известување до сите граѓани
-
ФЗОМ не сака преку медиумите да комуницира со своите партнери, најавува средба со Здружението на приватни гинеколози
-
Гинеколозите ќе издаваат само упати, а ФЗОМ нека лекува пациентки
-
ФЗОМ ќе ја зголеми квотата за овој месец и вкупниот буџет за лекови