Година за мудрост – вака нумеролозите гледаат на 2014 година. Велат мудроста повеќе од знаењето. Минатата година разговаравме со нумерологот-аналитичар Мими Сиљановска- Главиновска за тоа што ја очекува Македонија во 2013 година. Таа рече дека се работи за прашање околу презимето – Република, а не името – Македонија.
– Ќе се разгледуваат предлозите за брак. Европската унија значи унија или брак. Некои предлози непристојни, други пристојни. Ќе одлучуваат дали Македонија ќе го промени своето презиме, ќе додаде уште едно или ќе остане на своето презиме. Изборот е наш. Ова прашање ќе биде со конечно решение. Голема е веројатноста долгогодишното прашање за спорот со името да биде затворено, конечно решено во периодот меѓу септември 2013 и септември 2014 година – прогнозираше тогаш Сиљановска-Главиновска, која нагласи дека Македонија повеќе ќе биде концентрирана на внатрешната отколку на надворешната политика.
Нострадамус: Атентати врз четворица премиери
Во 2014 година ќе бидат извршени атентати врз четворица премиери. Тоа ќе предизвика меѓународен конфликт на полуостровот Хиндустан, кој во ноември ќе предизвика трета светска војна. Прво ќе се користат конвенционални оружја, потоа – хемиски и на крајот – нуклеарни. Малкутемина што ќе останат живи ќе страдаат од кожни болести и од рак. Европа ќе биде пуста до 2016 година. Кошмарот ќе трае до 2025 година. Научниците толкуваат дека на Истокот, во Кореја, ќе се роди месијанска личност. Ако човештвото не го прифати, не го сфати и не ги следи неговите инструкции, ќе почне светска војна.
Неизвесноста ќе направи луѓето да бидат во паника, но наместо да се обединат, тие ќе дејствуваат на принципот „секој за себе“. Во светот ќе царуваат рамнодушноста и беззаконието, и тоа ќе ги поткопа не само личните односи , туку и меѓудржавните договори.
Ќе има конфликт меѓу две светски религии. Последиците ќе бидат сериозни, ќе загинат многу луѓе, ќе бидат уништени цели земји. Во 2014 година и природата на Земјата ќе биде пред многу искушенија, прорекува Мишел де Нострадам.
Тој период продолжува. Сиљановска–Главиновска вели до крајот на август 2014 година сѐ уште сме во период на заокружување на процесот на името, поточно презимето – Република. Презимето за некои, можеби, е од минлива категорија, но не и името Македонија.
– Чувствителниот број 6, во кој Македонија е сѐ уште, односно ќе биде до септември 2014 година, носи можности за избори. Бројот 6 е поврзан со одговорните во домот, во семејството, односно родителите. Слично е и кога се однесува за државата, односно овој број е поврзан со тие што ги носат главните одлуки – претседател, премиер, министри, први луѓе. Април, мај, јуни и јули се месеци на релација позиција-опозиција. Корекции и поголеми промени ќе се случуваат до септември годинава, ќе се донесуваат нови закони кои, пред сѐ, ќе се однесуваат на образование, социјална работа, медицина – прогнозира нумерологот Сиљановска–Главиновска.
Таа нагласува дека се можни промени на функцијата татко на државата. Нумеролошки гледано, мај е поврзан со бројот 6, а и таткото на државата сѐ уште е во бројот шест поради што мај е клучниот месец за промени.
– Од јануари годинава нашата држава е во бројот седум, каде што останува до септември 2015 година. Тоа е надворешниот циклус. До септември, пак, сѐ уште ќе го има влијанието на бројот 7, а тоа е внатрешниот циклус. Седумката е посветена и на седмата уметност. Седумката е мистичен број, мудрост (примена на знаењето), црква, свештени лица, мудри одлуки за клучни работи во нивни интерес, но и во интерес на државата, односно народот – коментира Сиљановска – Главиновска.
Македонија е број девет, а девет е совршен, неменлив број, неменлива суштина, и покрај многуте премрежиња што ги минува. Годинава Македонија е во годишниот циклус на бројот 7. Девет и седум се добри пријатели, но не за соединување, односно за брак и за унија. Значи, брак или унија годинава е практично невозможно, па поради тоа и непотребно, дури и ако треба да биде „принуден брак“. Нумерологот коментира – тоа е од едноставна причина, нешто што е принудено, не може да трае, со сила убавина не бидува.
Големата тајна
Алтернативните начини на лекување и исхраната ќе бидат актуелни годинава. Според нумерологот, ова ќе биде период на здрава храна, природни чаеви, период на екологија, чиста вода, алтернативни извори на енергија. Ќе се посвети внимание на дрогата и на алкохолот, односно се очекуваат новитети, обврски и нови закони кои се однесуваат на хазард, алкохол и на дрога.
– Одлуките кои биле избрзани, непотребни, ќе бидат повторно разгледани и променети. Ова е време на корекција на тоа што не е во функција, а подразбира приспособување – вели прогнозата на Сиљановска-Главиновска.
Германија ќе победи на СП во фудбал
Кои ќе бидат најголемите вести во 2014 година? Барнаби Филипс од „Ал Џазира“ е еден од оние што прават свои предвидувања иако не секогаш му се точни. На пример, минатата година предвиде дека ќе видиме многу повеќе од Обама, но и конечен пад на сирискиот претседател Башар ал Асад. Тоа не го дочекавме. Но, погоди дека Нетанјаху и Меркел ќе победат на изборите во Израел и во Германија, грчката влада ќе се бори уште една година, а Енди Мареј ќе победи на Вимблдон.
Филипс за годинава смета дека Шкотска ќе излезе на референдум за независност од Велика Британија, а одговорот на граѓаните ќе биде „не“. Еврозоната ќе остане недопрена, но политичката ситуација во Италија, Португалија и во Грција ќе остане лоша. Се очекува пад на владата во барем една од овие земји. На крајот од 2014 година, Џулиен Асанж сѐ уште ќе биде во Амбасадата на Еквадор во Лондон, а Едвард Сноуден и натаму ќе биде во Русија. Сепак, Јулија Тимошенко нема да биде во притвор во Украина. Ќе се случи невидена туристичка навала во Сараево. Посетителите ќе ја одбележат 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна и ќе го посетуваат местото каде што бил убиен Франц Фердинанд. Германија ќе го освои Светското фудбалско првенство и ќе биде првата европска земја што го освоила мундијалот на јужноамериканско копно.
Таа смета дека ова е година на уметноста, литературата, филозофите, но и на дипломатијата. Година на добрите оратори, арбитрите, миротворците и на духовните учители.
– Еден настан ќе биде од многу големо значење – се однесува на една голема мистерија која ќе биде обелоденета. Тоа е од големо значење за Македонија, би се рекло закопана мистерија или чудо. Тоа ќе одекне и ќе ја одбележи 2014 година, а ќе одекне и надвор од границите, па и во светски рамки – прогнозира нумерологот Сиљановска-Главиновска.
Да го зачуваме мирот
Годинава е важно да се има колку е можно посмирено однесување. Сите ние како поединци кои ја сочинуваме оваа држава да не придонесуваме за неред, туку за ред и за смиреност. Смиреност, пред сѐ, во домот, во блиското семејство, а потоа и во поширокото опкружување. Какво ни е однесувањето, таква ни е и иднината, судбината.
– Материјалниот свет да, но духовниот многу повеќе. Тоа треба да ни биде приоритет годинава. Ќе мора да ги засилиме вербата и самодовербата – коментира нашата соговорничка.
Лето на можности
Јануари и февруари се неповолни месеци, односно период на слабост. Потребно е да се внимава на партнерските односи, како и каде се вложуваат пари. Овој период носи лоши проекти или загуба на пари, па затоа е потребна благовремена заштита.
Поволниот период, пак, или период на сила и можности почнува на 21 јуни и трае до 20 август. Тоа, според нумерологот, е одличен период за потпишување договори.
Иван Исцелител: Нервозна нација во 2014 година
Иван Исцелител е еден од оние врачеви што знаат да нѐ насмеат со своите предвидувања. Тој се обратил до Светиот дух кој му кажал дека точно на Нова година првото новородено дете во Македонија ќе биде машко, што и се случи. За јануари предвиде повеќе сообраќајки поради брзо возење, а за февруари вели релативно мирен месец со нервозна нација. За март предвидува напнатост и политички превирања, кои ќе траат сѐ до април, месец во кој ќе имаме притисок од Европската унија. Во мај, според Иван, нѐ очекува невреме со големи поплави, а во јуни и јули Македонците ќе се релаксираат и ќе имаат добри вести за нивната иднина. За август вели топло и сушно време што ќе резултира со голем број пожари во јужна Македонија. Во септември и во октомври предвидува колективна нервоза кај народот и политички превирања, а една јавна личност трагично ќе го загуби животот. Во ноември и во декември ќе има поволни вести за подобар стандард за граѓаните на земјава.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.