| четврток, 6 декември 2018 |

ЗНМ: Во Македонија новинарите не се најголемиот проблем

znm1

ЗНМ со вознемиреност ги следи последните препукувања меѓу новинарите кои прават голема штета на професијата.

Медиумите како да заборавија на својата основна улога како watch dog/или куче чувар на владините активности и дебатата ја насочија кон самите себе.

Не е спорно дека новинарите се јавни личности и дека може да бидат од интерес на медиумите но не е дозволиво со денови главна тема да бидат новинарите и медиумите а темите кои се од суштинско значење за јавноста да паднат во втор план.
За ЗНМ е неприфатливо во јавноста да се создаде перцепција дека најголемиот проблем во Македонија се новинарите.

Добро е што новинарите се бават со теми поврзани со корупција меѓутоа потребно е во тврдењата дека новинарите се корумпирани да се истражи кои се тие што наводно ги корумпираат.

Во секоја професија можни се случаеви на корупција но дали ако двајца или еден судија, министер, пратеник, државен службеник или бизнисмен се корумпирани значи дека целата таа професија е корумпирана?

Центрите на моќ секогаш имаат можност да корумпираат неколку претставници на одредена професија и таа професија целосно да биде претставена како нечесна пред јавноста. Последните случувања им идат во прилог само на центрите на моќ кои би сакале да се урне довербата на јавноста кон медиумите. Со тоа губат сите новинари и целата јавност.

Апелираме новинарите и медиумите да се насочат кон теми за кои вистински ги засегаат граѓаните. Притоа потребно е новинарите при своето известување да го почитуваат Етичкиот кодекс, да известуваат врз основа на докази и факти, да ја почитуваат пресумпцијата на невиност и да ги проверуваат информациите кај сите засегнати страни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top