Украинскиот претседател Виктор Јанукович повторно разговараше со лидерите на трите главни опозициски партии за разрешување на кризата. На состанокот присуствувале и советниците на Јанукович, како и лидерот на партијата УДАР Виталиј Кличко, лидерот на Татковина Арсениј Јацењук и на националистичката Слобода Олег Тјагнибок.
Во исто време, во Брисел е објавено дека високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, утре ќе го посети Киев.
– Насилството мора да запре и двете страни мора да ги намалат тензиите. Она што е неодложно неопходно е вистински дијалог за да се создаде нов консензус за напредок- истакнува Ештон, додавајќи дека единствено решение за кризата е политичко.
И генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун апелираше на украинскиот претседател да започне „конструктивен дијалог“ со опозицијата за да се стави крај на немирите во земјата.
Водечките опозициски партии во Украина претходно во текот на денот порачаа оти се подготвени да ги продолжат разговорите со Владата на претседателот Јанукович, но предупредија дека демонстрантите на улиците во секој момент би можеле да го изгубат трпението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.