| четврток, 6 декември 2018 |

Економско-социјалниот совет за законите за стечајците и за минимална плата

економско социјален советНовите измени на законот за стечајци со кој се опфаќаат околу 3.000 лица и измените на Законот за минимална плата кој се однесува на 65.000 лица добија позитивно мислење и поддршка од партнерите на Економско-социјалниот совет.

– Направивме дополнители консултации со организациите на работодавачи и репрезентативните синдикати во насока на давање нивна согласност и позитивно мислење за изменувањето на Законот за материјално обезбедување невработени лица по основ на приватизација на претпријатија во доминантна сопственост на државата и изменување и дополнување на Законот за минимална плата. И работодавачите и синдикатите дадоа позитивно мислење и официјален став за прифаќање на овие предлог измени и очекуваме тие набрзо да бидат разгледани и прифатени- изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов по завршување на седницата на Економско-социјалниот совет.

Во однос на законското решение за минималната плата посочи дека тоа е клучен проект и клучен чекор кој е во насока на зголемување на минималната плата на 10.080 денари.

– Со измените и дополнувањата на овој закон се опфаќа една поголема група граѓани во земјата, односно околу 65.000 вработени во приватниот сектор кои во моментов земаат минимална плата и кои со овие измени предвидуваме и очекуваме подобрување на животниот стандард на овие трудољубиви работници кои го даваат максимумот во насока на обезбедување егзистенција- истакна министерот за труд и социјална политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top