| четврток, 6 декември 2018 |

Расмусен: Македонија ќе добие покана за членство во НАТО кога ќе се реши проблемот со името

rasmusen

Покана за членство на Република Македонија во НАТО ќе биде испратена штом ќе биде најдено заеднички прифатливо решение за прашањето за името на земјата со Грција.

Оваа позната реченица кога станува збор за Алијансата, се најде во денешниот годишен извештај на генералниот секретар Андерс Фог Расмусен за делувањето на НАТО и ситуацијата во светот.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во однос на земјите-кандидати за членство во НАТО, во извештајот на Расмусен, кој денеска на прес-конференција во Брисел го престави пред новинарите, се наведува дека Алијансата ќе одржува посебно тесни врски со сите четири земји-кандидати: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Грузија.

– Во 2013 година е постигнат одличен прогрес во исполнувањето на стандардите на НАТО, но потребен е понатамошен прогрес за овие земји да станат членки на Алијансата, се наведува во овој дел од извештајот на Расмусен, каде за Македонија е поставено решавање на прашање на името како единствена блокада за и официјално да стане членка.

Во однос на тоа дали на агендата на Самитот во Велс во септември ќе се најде и проширувањето, високи извори од НАТО за МИА потврдија дека се уште не е одлучено, но оти „нема сомнеж дека ќе се повтори политиката на отворени врати, како што тоа се правеше на претходните Самити”.

– Се уште има време и очекуваме ажурирана оценка на сите четири земји-кандидати пред Самитот, па последната одлука ќе се направи врз основа на таа база, потврдуваат високите извори на Алијансата за МИА, инсистирајќи на анонимност.

На прес-конференцијата, пак, генералниот секретар на Алијансата посочи дека главни точки на годинешниот Самит на НАТО ќе биде повлекувањето на трупите на Алијансата од Авганистан и идната тренинг-мисија. Тој го искритикува односот на авганистанските власти кон меѓународната заедница, пред се во однос на политичката одлука за ослободување од затвор на некои затвореници што убиле НАТО-војници.

– Ако авганистанските власти одлучат сами да делуваат, без помош на меѓународната заедница, тогаш нема да имаат пари да им дадат плати на своите 370 илјади припадници на полицијата и војската!,предупреди Расмусен.

Во однос на ситуацијата во Украина, првиот оперативец на Алијансата го осуди насилството и ја повика владата на поранешната советска република да го обезбеди правото на мирни демонстрации.

За проблемот со изградбата на седиштето на НАТО во Брисел, Расмусен посочи дека тоа е одговорност на Владата на Белгија, како земја-домаќин, кои ги известиле дека инвеститорот со кого е склучен договор во 2004 година, известил оти му треба повеќе време и пари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top