Градот Хо Ши Мин во Виетнам на 19 јануари беше во знакот на Македонија. Зградата на Oперата беше цела излепена со плакати „Sounds from Macedonia“. Илјадници туристи се сликаа покрај зградата, со заднина на која доминираше Македонија. Заслужни за сето тоа беа двете ученички од Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, кои тој ден имаа концерт со симфонискиот оркестар на операта и балетот на градот Хо Ши Мин, Ева Богоевска (14 години) и Ени Вучидолова (17 години).
Од страна на оркестарот на најголемиот град во Виетнам, беа поканети двајца ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ да настапат како солисти со нивниот оркестар. Довербата да настапат на овој голем концерт им беше доделена на Ева Богоевска, која настапи со концертот за виолина и оркестар во г-мол од Макс Брух, и Ени Вучидолова, која настапи со концертот за виолина и оркестар во а-мол од Јохан Себастијан Бах. Диригент беше професорот Ле Фи Фи, кој го води оркестарот во училиштето.
– Ова беше можност која ретко кое училиште може да ја добие. Ученичките настапија како врвни солисти, исто онака како што настапуваат сите познати имиња во класичната музика. На ова може да ни позавидат сите музички училишта од целиот регион – изјави директорот на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Јован Бицевски, кој, исто така, беше во Виетнам.
– Пресреќна сум поради успешниот настап што го имав со Симфонискиот оркестар во Хо Ши Мин-Виетнам. За мене овој концерт претставуваше огромно искуство. Неописливо беше чувството кога во тој огромен град на огромен билборд го прочитав моето име и името на мојата земја. Градот и медиумите беа преплавени со реклами за концертот со наслов „Sounds from Macedonia“. Преубавата и преполна сала за мене беа дополнителен мотив за убавата изведба. Маестро Ле Фи Фи и луѓето од организацијата во Виетнам се покажаа како одлични домаќини и се потрудија да го направат нашиот престој таму незаборавен – изјави Ева Богоевска.
– Голема возбуда и гордост ми претставува што имав чест да настапувам со симфонискиот оркестар во Хо Ши Мин бидејќи ретко кој има можност за тоа. Пресреќна сум што успешно ја претставивме нашата земја Македонија и се радувам што имав можност да се запознам со една различна култура на живеење. Големо задоволство и голема радост ми претставува што бев избрана да свирам со професионален симфониски оркестар. Воедно стекнав и големо искуство. Не е мала работа музичар да стапне на таква сцена и да го покаже она што го умее. Се најдов во средина каде што зад мене и пред мене имаше голем број луѓе – изјави Ени Вучидолова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.