Перо Антиќ е сензација во НБА, а приказната на првиот македонски кошаркар во најсилната лига на планетата може да добие уште позначајни и поголеми размери, ако се оствари сонот, „шестката“ на Атланта хоукс да биде повикан да игра на олстар-викендот во Њу Орлеанс закажан за периодот од 14 до 16 февруари.
Секако, Антиќ, кој веќе стана стандарден член на првите петмина на „јастребите“ од Атланта, конкурира за мечот на дебитантите против сомфори, или кошаркари што ја играат првата сезона во НБА-лигата против играчи што настапуваат втора година по ред. Повредата на скочниот зглоб по која Антиќ ќе мора извесно време да паузира е проблем, но постои надеж македонскиот кошаркар да игра, секако ако ја добие довербата од помошниците на тренерите во НБА-лигата.
Вообичаеното гласање на навивачите за главниот настан и мечот на „сите ѕвезди“ од источната и западната конкуренција, за дуелот што популарно се нарекува „Рајсинг старс џеленџ“ (Rising Stars Challenge) и за кој сериозен конкурент е Перо Антиќ не постои. Тука помошниците тренери на сите НБА-екипи се главните и тие одлучуваат и ги кројат составите.
Лани имаше интересна ситуација со различен број кошаркари во двата тима, што по овој модел воспоставен во 2012 година ги предводат легендите Чарлс Баркли и Шекил О`Нил.
Чак ги предводеше сомфорите и имаше на располагање 10 играчи, а Шек комбинираше состав со 11 кошаркари, дебитанти во Лигата, а сепак загуби со 135-163.
Натпреварите се играат во петок, на првиот ден од олстар-викендот и се мошне атрактивни со малку поинакви правила од вообичаените во НБА. Има две полувремиња од по 20 минути, целта е да се игра атрактивна кошарка, а интересно е што не важи прваилото за напуштање на играта по шест направени фаули.
Перо е забавен, атрактивен и необичен, тамам за настап на спектаклот во Њу Орлеанс
Кои се адутите на Перо Антиќ за да направи чудо и да игра на спектаклот што се нарекува олстар-викенд, една од најценетите и најзабавни манифестации во светот на професионалниот спорт? Кошаркар што дојде тивко во НБА-лигата, од мала земја каква што е Македонија, без искуство за настапи во ваква лига, а патем и ветеран со 31 година. На почеток минимални, речиси никакви, а по само четириесетина настапи за Атланта хоукс, многу реални.
Американците набрзина се уверија дека „шестката“ на Хоукс, знае да игра кошарка, стилот му е специфичен, симпатичен и во европски стил. Перо знае да забива, да дава тројки, да асистира, да се брани и да напаѓа. Експресно за 360 степени ги сврте работите во своја корист, а тоа го стори со одличните игри, и тоа како стартер на „јастребите“. Од меч во меч Антиќ напредува, а многу од строгите критериуми на НБА-лигата веќе ги исполни и апсолутно заслужува да биде учесник на олстар-викендот, како дел од тимот на Шекил О`Нил.
„Перо е ѓаволски добар кошаркар и шутер. Тој има оригинални потези и решенија во играта. Очекуваме да се најде во составот на дебитантите за олстар-мечот“ изјави тренерот на Хоукс, Мајк Баденхолцер. И тој е дебитант, а имаше храброст да го поддржи Антиќ и да му даде поголема минутажа, особено по повредата на стартниот центар Ал Хорфорд. Македонецот возврати со прекрасни игри, а веќе влезе во историјата на НБА, како прв центар дебитант, кој откако станал стартер, на четири меча по ред дал најмалку три тројки. Педантните аналитичари во НБА го забележаа и тој податок, што значи историја и за Антиќ, но и за македонската кошарка.
Составите на двата тима на Шек и на Чак ќе бидат познати деновиве, а веќе се знаат првите петорки за главниот меч, во кој силите на 16 февруари ќе ги одмерат најдобрите кошаркари во НБА, спротивставени во два табори, Исток против Запад.
Порака од Македонија: Одберете го Антиќ, ќе нè направите најсреќни луѓе на планетата
На интересен начин македонските фанови на кошарката ја подржуваат иницијативата Перо Антиќ да настапи во Њу Орлеанс. Веќе е создадена група за подршка на „Фејсбук“ на нашиот кошаркар, а има и многу оригинални идеи, кои изгледаат симпатично, па дури и лудо. Хит стана скопјанецот Иван Менкиноски со неговата порака до Шекил О`Нил и до Чарлс Баркли (иако не зависи од нив) дека ќе им ги сработи домашните работи, вклучувајќи го и косењето тревник, само Антиќ да заигра на олстар-викендот.
Веднаш по него извесен Џон, кој се декларира како страствен навивач на Атланта и на Перо Антиќ напиша „10 заповеди“ со кои малку и на шеговит начин објаснува зошто Македонецот треба да биде во Њу Орлеанс.
„Перо има подобра брада од Харден, има подобри тетоважи и од Џеј-Ар Смит и од „Брдмен“ Андерсон, го изведе најсекси ударот за три поени во сезоната и тоа на една нога, го заврте моќниот Ал Џеферсон како балерина, многу е по-кул и од Карлос Бузер, има срце како планина, го натера и Мајк Скот да учи македонски и за крај најважното, изберете го Перо, ќе ги направите среќни сите Македонци“, стои во една од најдуховитите и најоригинални содржини за подршка на Антиќ.
Но, тука не е крајот на симпатичните барања „шестката“ на Хоукс да дебитира на собирот на НБА-ѕвездите.
Девојка од Австралија со разголени гради и порака на нив, им порача на помошниците тренери дека не смеат да го изостават Перо од составот на дебитантите за спектаклот во градот на џезот, Њу Орлеанс.
Јануари во знакот на Македонецот, „шестката“ на Хоукс, четврторангиран дебитант во НБА
Јануари е месец на Перо Антиќ, а предвидувањата беа дека за евентуално негово учество на фестивалот на НБА-кошарката во Њу Орлеанс, клучни ќе бидат настапите во првиот месец од годината. Македонскиот ас си го стори своето, игра одлично, а сега се зависи од помошниците тренери. Антиќ моментно е четврторангиран „руки“, пред многу кошаркари од кои се очекуваше да „газат“ во Лигата. Пред него се само Мајкл Картер-Вилијамс, потоа вториот пик на драфтот Виктор Оладипо и Треј Бурк кој беше избран како деветти по ред од Минесота, но веднаш во размена замина за Јута.
Македонскиот кошаркар ги надмина сите очекувања, проекции, од експертите, од обичните симпатизери и од фанатиците по НБА-лигата. Просекот на минути во игра во дресот на „јастребите“ предвидени за Перо во првата сезона требаше да биде од две до седум нинути, а тој веќе е стартер во тимот со просечни 14,55 минути игра. Тука и понатаму ќе има раст, што го потврдува податокот дека како член на првата петорка на последните десетина натпревари Антиќ има просек од над 20 минути на паркетот во салите низ НБА.
Просекот на поени му е солидни 5,6, со нов тренд на пораст, бидејќи како одминува времето првиот македонски кошаркар во најсилната лига на светот дава се повеќе поени. Против Мајами хит неодамна постигна за него рекордни 17 поени, а слоден е и во статистичката категорија што ги мери скоковите, со 3,1 по меч.
За споредба првиот избор на драфтот за 2013 година, Ентони Бенет од кого се очекуваше да блеска, игра многу помалку и е послаб од Антиќ во сите сегменти. Крилото од Канада кај „коњаниците“ од Кливленд дава само по 2,4 поени и има по 2,2 скока по натпревар и секако игра многу помалку. Многу слична е приказната и со третиот пик Ото Портер јуниор, и тој е далеку од нивото на игри кои ги прикажува Антиќ, па постигнува само по 1,8 поени за Вашингтон визардс. И во тимот на Перо има кошаркари кои се дебитанти и од кои се очекуваше многу повеќе од Македонецот, но и тие немаат ниту приближно добар ефект и настапи како 31-годишниот скопјанец. Се најавуваше дека мексиканскиот кошаркар Густаво Ајон ќе биде вистинско откровение на позицијата крилен центар во тимот на Хоукс, но тој е дури трета опција зад стартерот Перо Антиќ, а слично е и со 17. избор на „јастребите“ на последниот драфт, Германецот Денис Шредер. И тој има незначителен „импакт“ во играта на Атланта, за разлика од сензацијата од Македонија Перо Антиќ.
Забелешка: Текстот е излезен во неделникот „Република“ непосредно пред повредата на Антиќ.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


