| четврток, 6 декември 2018 |

Спектакуларен НБА викенд, рекорди за Мело, за Парсонс и за Рос

Спектакуларен НБА викенд за сите вкусови на вљубениците во најсилната кошаркарска лига на светот, понудија неколку играчи, пред се Кармело Ентони, Чандлер Парсонс, Теренс Рос и Кевин Дурент.

Во петокот навечер по американско време, блескава најава стаса од Ол-стар ѕвездата на Њујорк Никс, Ентони, кој постигна неверојатни 62 поени против Шарлот бобкетс, со што урна два рекорди. Едниот е за најмногу постигнати поени во историјата на Никс, претркувајќи го Бернард Кинг кој дотогаш беше славеникот со 60 поени, и вториот со најмногу поени постигнати во „Медисон Сквер Гарден“, салата на Њујорк. Пред него Коби Брајант беше рекордер со 61 постигнат поен.

Популарниот Мело можеше да даде уште некој поен, но излезе од игра на нешто повеќе од 7 минути до крајот на дуелот со Шарлот и не се врати во игра. Њујорк го доби мечот со убедливи 125-96.

melo

Истата вечер, или ноќ, по средноевропско време, рекорд и тоа во НБА постави одличниот шутер на Хјустон рокитс, Чандлер Парсонс со 10 тројки за едно полувреме. Парсонс работеше како најпрецизна машина во второто полувреме против Мемфис и погоди десетпати зад линијата за три поени, што е рекорд и во Лигата и за Рокитс. Сепак и тоа не беше доволно за спас, па Мемфис го победи Хјустон со 88-87.

parsons

Следната вечер се разиграа Кевин Дурент од Оклахома и Теренс Рос. Популарниот Дурантула забележа трипл-дабл за Оклахома против Филаделфија и тоа при својот кам-бек, по повредата на рамото. Кевин постигна 32 поени, забележа 14 скока и имаше 10 асистенции. Оклахома победи со 103-91.

Како круна на прекрасниот викенд во НБА, стаса и супер претставата на Теренс Рос од Торонто, за уште еден рекорд во Лигата. Рос даде 51 поен против Лос Анџелес клиперс, со што се запиша на листата на кошаркари кои постигнале 50+ поени во НБА. Ги има точно 307, од сезоната 1963-64, во која почна да се води статистика, но ниту еден од нив немал понизок просек на поени од Рос, пред да стасаат до педесетката или повеќе поени.

ros

Рос до овој меч постигнуваше само по 10,2 поени по натпревар, а одеднаш блесна и го наполни кошот на Клиперс. Торонто загуби со 118-126, а за утеха е рекордот на Теренс Рос.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top