| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Државната кардиохирургија ќе овозможи развој и конкуренција во оваа сфера

Развој на кардиохиругијата, овозможување конкуренција, со ангажирање странски лекари за обука на домашниот кадар, но и продуцирање нови стручни лица од државата. Тоа се очекувањата на премиерот Никола Груевски од реализацијата на проектот за изградба и отворање Државна кардиохирургија за која што Владата донесе одлука на последната седница.

Груевски укажа дека одлуката за основање Државна кардиохирургија била направена по спроведената сериозна анализа дека има потреба од градба и нејзино отворање.
– Веќе се почнати активностите за набавка на опремата во вредност од 106 милиони денари – изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на новата водоводна мрежа и фекална канализација за населбата Ѓавато во Општина Богданци.
Премиерот информира дека се во завршна фаза преговорите со двајца врвни кардиохирурзи од Италија. Едниот од лекарите ќе биде постојано во Македонија во наредните две години додека се обучат македонските лекари, а другиот ќе доаѓа неколкупати во годината зависно од договореното.
– Двајцата ќе бидат носители на обуката на нашите лекари и нормално и самите тие ќе извршуваат операции заедно со нашите лекари во првите две години. Исто така во комуникација сме и со Градската болница во Цирих со која што разговараме за можноста таа на некој начин да биде ментор на Државната кардиохирургија. Тоа подразбира постојано да има нивни тимови лекари, сестри, болничари и цел потребен персонал за кардиохируршки операции, кои би се менувале на неколку месеци и би обучуле што повеќе тимови во Македонија – изјави Груевски.
Паралелно со тие активности на Медицинскиот факултет во Скопје ќе се отвори катедра по кардиохирургија за што веќе ресорниот министер разговарал со деканот.
– Најмалку десет студенти  ќе се запишуваат секоја година на оваа катедра и на тој начин за неколку години ќе дојде до посериозен развој на кардиохирургијата во Македонија -појасни Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top