| четврток, 6 декември 2018 |

„Брза помош“ добива и по 200 лажни повици дневно

Ефикасноста на борбата за живот кога на скопјани им треба итна лекарска помош ќе биде зголемена за сто отсто ако осумте лекарски екипи не се жртви на 200 лажни јавувања секој ден, пишува „Нова Македонија“. Ниту пријавите во полиција не ги спречуваат несовесните граѓани да им ја отежнуваат работата на докторите. Цената на лажното јавување се казнува со глоба од сто до 400 евра. Лани седумдесетина лажни јавувачи биле санкционирани, но казната не ги спречува повторно да си играат со опасната игра – лажно пријавување. Лажните повици бележат покачување, а на граѓаните им останува само да веруваат во правилната селекција на повиците за помош од страна на докторите.

– Се јавија од селото Коњаре дека на родилка ѝ е потребна помош. Повикот беше толку реален што цело време додека траеше разговорот во заднина се слушаше врескање на жена, исто како кога родилка се породува. Испративме екипа, која подоцна утврди дека повикот бил лажен – раскажува доктор Љупчо Пајковски за еден од многуте лажни повици што ги добива секој ден.

На лекарите не им помага ниту идентификаторот за ловење на телефонските броеви, затоа што секој може да го скрие бројот на мобилниот телефон, од каде што најчесто се упатени лажните јавувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top