Есма Реџепова-Теодосиевска беше единствената што гласаше против предлогот на градоначалникот Коце Трајановски Универзална сала да се преименува во „Тоше Проески“. Таа не го спори ликот и делото на Тоше, но смета дека во државава има и други заслужни пејачи во чијашто чест би можела да се преименува концертната сала или некој друг објект, улица, мост…, пишува „Утрински весник“.
– Зар еден Сариевски, Васка, Бадев, Вања Лазарова, па и Виолета Томовска не заслужуваат Универзална да се крсти по нив. Па, по Тоше именуваа и фонтани и улици и што ли уште не. Зар некој се срами од народните пејачи. На секој чекор се пеат „Зајди, зајди“ и други народни песни, а никој не им оддава почит на нивните автори и изведувачи – коментира Есма на прашањето од кои причини во Советот гласаше против предлогот на Трајановски за новото име на Универзална сала.
Таа, како што вели, не ја спори кариерата на Тоше, но смета дека таа е „потенка“ во однос на споменатите пејачи.
– Сметам дека се направи неправда, но секој има право на глас – вели Есма и тврди дека во случајов, всушност, воопшто не станува збор за нејзина скриена желба концертната сала во Скопје да го носи нејзиното име.
– Не, благодарам, не сакам да ја именуваат по мене. Доволно ме знаат по светот како кралица на ромската песна – вели Реџепова-Теодосиевска, која во советничката фотелја на Советот на Град Скопје седи веќе трет мандат.
За својот глас „против“ Есма не даде објаснување на говорница.
– Во право сте, требаше да објаснам – вели таа и признава дека, можеби, и згрешила што досега не поднела иницијатива за преименување на Универзална во Сариевски, Бадев или во Васка Илиева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.