| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот со најмногу номинации за Оскар од утре во „Синеплекс“!

Филмското ремек-дело „Американски измамници“ на режисерот Дејвид О. Расел ќе биде премиерно прикажан на големото платно на Cineplexx. Филмот кој триумфираше за време на номинациските објави за престижната награда Оскар, вбројувајќи вкупно 10 номинации, од четврток ќе биде поставен на редовниот репертоар.
Режисерот Расел влезе во историјата како првиот режисер чии филмови две години по ред се номинирани во сите актерски категории; минатата година номинациите се однесуваа на филмот „Во добро и зло“ во кој Бредли Купер, Џенифер Лоренс, Роберт Де Ниро и Џеки Вејвер беа номинирани во своите категории, истото се повтори и овој пат со хитот „Американски измамници“ за кој Кристијан Бејл, Ејми Адамс, Бредли Купер и Џенифер Лоренс се номинирани во категориите за најдобри главни и споредни улоги.
Покрај актерските категории филмот е номиниран и во категориите за најдобар филм, најдобра режија и оригинално сценарио, како и во техничките категории за најдобра монтажа, сценографија и костимографија. Многубројните номинации за филмот беа потврдени од овогодинешната доминација кога се во прашање филмските награди. Здружението на филмски критичари на Њујорк веќе го прогласи филмот за најдобар во 2013та година, додека пак на доделувањето на Златните глобуси филмот триумфираше и освои најголем број на награди – дури три: за најдобар филм (мјузикл/комедија), најдобра женска главна улога (Адамс) и најдобра женска споредна улога (Лоренс).
Дејствието на филмот е сместено во заводливо време, време кое го потресе еден од најголемите скандали во Америка. „Американски измамници“ говори за „човекот од доверба“, Ирвинг Розенфелд кој заедно со својот итар партнер британец и со љубовницата е принуден да работи за поранешниот ФБИ агент, Ричи Димасо. Димасо ги води во светот на богати брокери и мафијаши, страшен и суров свет а исто толку и восхитувачки. Во сплетканите односи, Ирвиновата непредвидлива жена може да биде особата која ќе ги повлече конците и ќе сруши се. „Американски измамници“ е филм кој е дефиниција за својот жанр, базиран на сурови емоции и улоги за живот и смрт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top