| четврток, 6 декември 2018 |

Бангкок: Повеќе од 28 повредени во антивлaдините протести

Најмалку 28 лица се повредени денеска при експлозија на бомба меѓу масата учесници на антивладините протести во главниот град на Тајланд, Бангкок, соопшти локалната служба за брза помош.

Претставникот на демонстрантите, Аканат Промфан, изјави дека меѓу присутните на собирот бил и лидерот на протестите Сутеп Таугсубан, но дека тој не е повреден.

Аканат изјави дека експлозивната направа била фрлена на камион со кој се возеле демонстрантите и дека возилото било на неколку десетици метри од Сутеп.

Протестите во Тајланд почнаа пред повеќе од два месеца кога не успеа обидот да се донесе Закон за амнестија, што на братот на тајландската премиерка Јинглук Шинаватра, Таксин Шинаватра, ќе му овозможеше да се врати во земјата.

Таксин има голема поддршка на северот на Тајланд, додека средната класа во Бангкок, повеќето жители на југот на земјата и ројалистичкиот естаблишмент се против него.

 

Демонстрантите и денеска, шести ден по ред, ја продолжија блокадата на главните сообраќајници во Бангкок, со цел да го оневозможат работењето на Владата и да ја натераат премиерката Јинглук Шинаватра да поднесе оставка.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top