| четврток, 6 декември 2018 |

Ватикан под истрага на ОН за сексуалната злоупотреба на деца

Комитетот на ОН за правата на децата (УНЦРЦ) денеска ќе сослуша официјални претставници на Ватикан во врска со сексуалната злоупотреба на илјадници деца од страна на католички свештеници, јави Би-Би-Си.

Се очекува УНЦРЦ на представниците на Ватикан да им постави долга серија  прашања, присилувајќи ја Светата столица првпат јавно да се брани во врска со овој скандал.

Светата столица се соочува со обвинувања дека овозможувала сексуална злоупотреба на илјадници деца, со тоа што ги штитела педофилите меѓу свештениците на штета на жртвите.

УНЦРЦ минатиот јули побара подетални информации за сите случаи на злоупотреба што се забележени во Ватикан од 1995 година. Тие информации вклучувале и одговори на прашањата дали на свештениците, монахињите и монасите кои се виновни за сексуални злосторства им било дозволено да останат во контакт со децата, кои правни мерки се преземени против нив и дали имало замолчувања за оние кои поднеле тужби.

Во својот одговор, Светата столица тогаш соопшти дека нејзина пракса била да не објавува информации за верската дисциплина на свештенството, доколку тоа не го побарале властите во земјата во која свештениците биле на служба.

Римокатоличката црква нагласи и дека ги изменила критериумите за избор на свештеници и го ревидирала законот со кој се обезбедува адекватна дисциплина меѓу свештенството.

Ватикан одби да даде какви било информации за денешното сослушување, соопштувајќи само дека за спорните случаи се надлежно правосудствата во земјите во кои биле извршени злоупотребите.

Католичката црква е на удар на критики затоа што не одговорила адекватно на обвинувањата за сексуална злоупотреба.

Папата Франциско соопшти дека решавањето на прашањето за сексуалните злоупотреби е клучно за кредибилитетот на Црквата, а минатиот месец објави и дека ќе биде формиран Комитет за борба против сексуалната злоупотреба на деца во Црквата и им понуди помош за жртвите.

Папата, исто така, ги заостри ватиканските закони за малтретирање деца, проширувајќи ја дефиницијата на злосторства врз малолетници и со сексуална злоупотреба на децата.

Светата столица е потписничка на Конвенцијата на ОН за правата на децата, правно обврзувачки документ што налага заштита на децата и грижата за нив. Ватикан во 1990 година ја ратификуваше оваа Конвенција, но по извештајот за примена во 1994 година не поднесе ниту еден друг се до 2012 година, и тоа по жестоките критики по обелоденувањето на големиот број случаи на злоупотреби на деца од страна на свештеници во 2010 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top