Јана третпат не успева да го положи испитот на еден од скопските факултети. Во истиот момент ѝ се јавува на својата мајка, која нестрпливо го чека телефонскиот повик. Јана ѝ соопштува дека и овој пат не положила. За половина час мајка ѝ е на факултет, на консултации кај професорот. Собира дополнителна литература и се интересира што е тоа што ѝ недостига на Јана за да го положи испитот. Јана има 20 години.
Ова не е сцена од филм, туку реалност. Родителските состаноци од основните и од средните училишта се пренесоа на факултет. Родителите, место студентите, доаѓаат на консултации кај професорите, тие ги запишуваат авторите на учебниците, се интересираат за испитот, знаат од кога до кога траат колоквиумските недели на факултетот, пополнуваат пријави за нив. Студентите, веќе возрасни момчиња и девојки, стојат до нив, како ученици кои штотуку тргнале на училиште.
Слични ситуации има и во училиштата. За секој проблем учениците се повикуваат на родителите. Тоа е поизразено кај учениците од пониските одделенија, велат наставниците во основните училишта.
– Децата, едноставно, не разговараат. За секој, макар и најмал проблем, прво ги информираат родителите, кои, пак, директно одат кај директорот на училиштето. Се изместија границите. Родителите си даваат премногу слобода – коментираат наставници во основното образование.
За што станува збор? За неспособна младина што не знае да се избори за своето место под сонцето или за премногу заштитнички родители, кои сакаат да имаат сѐ под своја контрола?
Со преголемата заштита на децата не им овозможуваме да растат, тие стагнираат
Презагрижени родители, кои претерано го контролираат детето, се родители што го бранат детето и ги решаваат неговите проблеми. Како последица на ова однесување детето е емоционално нестабилно и неприспособено во поглед на социјалните норми. Тоа е несамостојно и плашливо и секогаш во потрага по внимание и по признание, вели теоријата на психологија.
Заштитнички родители постоеле отсекогаш, но дали сега создаваме и генерации што се неспособни да се фатат во костец со живот? Дали растат некои „нови клинци“, кои науката ги нарекува уште и „ај-генерација“ – деца на „ајфон“, „ајпад“, „ајпод“, кои имаат милион пријатели на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“, но во реалноста немаат ниту еден вистински пријател. Не знаат како да се однесуваат во секојдневниот живот.
Со тек на време презаштитените деца не здобиваат одговорност и навики за работа и при секоја тешкотија бараат од своите родители тие да ги завршуваат нивните обврски. На тој начин стагнираат во својот развој, особено во делот на социјалното приспособување.
– Родители со заштитнички тенденции кон своите деца градат вмрежени релации со нив. Во тие релации децата немаат можност да научат да бидат автентични, да се обидат да направат работи што се само нивни и независни од другите околу нив, особено од нивните родители. Заштитничките односи на родителите го прават детето зависно од нив, несигурно и неподготвено само да се бори и да се соочува со проблемите во секојдневието. Родителот, заштитувајќи го своето дете навлегува во просторот на детето и не прави граница меѓу нив. Таа пресилно попустлива граница меѓу родителот и детето во многу ситуации го доведува детето во состојба да се чувствува како едно со својот родител, да не може да препознае што е негова одговорност, а што не е. Во многу ситуации родителите што се склони да ги презаштитуваат своите деца зборуваат во нивно име, ги завршуваат обврските место нив, им одбираат вонучилишни активности, другари. Тие родители најчесто зборуваат низ говорот „ние“, а воопшто не зборуваат низ говорот „јас“. Ваквото однесување на родителите им ги намалува можностите и капацитетите на нивните деца самостојно да дејствуваат, решаваат и на тој начин да ја градат својата самостојност, сигурност, самодоверба и, тоа што е најбитно, да ги засилат своите вештини и сили за автентичност и за независност – објаснува Натка Пачоска, психотерапевт.
Секако дека со презаштитувањето на децата не им овозможуваме да растат, туку тие стагнираат. Овој однос им создава проблеми и во иднина, кога треба да се одделат од родителите. И затоа, студирањето е еден многу важен процес за адолесцентите.
– Сѐ почесто сме сведоци на вакви ситуации, кога родителот доаѓа на факултет и се интересира за испитите на детето, кое е веќе адолесцент. Ова е дисфункционално однесување на родителите, кои настојуваат да го живеат животот на своите адолесценти. Оттука произлегуваат неподготвени кадри од една страна, но и неподготвени млади луѓе, кои треба да зачекорат во светот на возрасните – вели психотерапевтот Пачоска.
Подоцна овие млади луѓе не се во состојба да донесуваат одлуки. Премногу заштитничкиот однос на родителите, практично, не ги подготвил за тоа што ги очекува во животот. Практиката вели дека презаштитничкиот однос на родителите може да доведе до појава на зависност кај младите – алкохолизам, дроги, коцкање, анорексично-булимични состојби, психосоматски тешкотии, неуспех и неефикасност на студии, работа и слично.
– Кога родителите би побарале поддршка во родителствувањето низ психотерапија можни се многу промени во правец на функционално разрешување на многу проблеми – смета Пачоска.
Различниот пристап на родителите предизвикува различно однесување кај децата
Различниот пристап на родителите во воспитувањето на децата предизвикува различно однесување, смета Марија Стефанова, психолог во „Еквилибрум“. Таа објаснува неколку вида однесување на родителите кон своите деца.
– Родителите што во голема мера се емоционално топли и ги прифаќаат своите деца успеваат кај нив да гo изградат доживувањето на себеси како добро и способно дете и ја намалуваат веројатноста за несоодветно приспособување подоцна во животот. Родителите што негуваат став на прифаќање имаат дете што е добро расположено, весело, динамично, сигурно во себе, чувствително и храбро. Физичката нежност што се користи како награда за исполнетите барања на родителите развива силна потреба за постигнување. Соработката на родителите со детето развива доверба во релацијата родител – дете. Детето се чувствува слободно да побара совет и помош од родителите, задоволно е со своите активности и со резултатите што кои ги постигнува, истрајно е и има развиено капацитет за соработка и за прифаќање на одговорноста – вели Стефанова.
Според теоријата, но и практиката покажала дека претераната заштита или размазеноста го забавува психосоцијалното созревање.
– Овие деца се невнимателни, дрски, вообразени, себични. Тие им поставуваат голем број барања на своите родители. Но кога овие деца ќе се најдат во ситуација кога не се со родителите стануваат несигурни и вознемирени – објаснува Стефанова.
Родителите што се незаинтересирани кај своето дете предизвикуваат интензивна потреба од љубов, внимание и од наклоност.
– Детето во своите родители не гледа поткрепа и помош. Тоа се чувствува напуштено и осамено во својот дом. Ова може да предизвика целосен или делумен застој во развојот на сложените чувства, а може да доведе дури и до неспособност за трајно врзување со други лица. Доколку родителите поставуваат многубројни барања што се превисоки за детето, проследени со чести критики и забелешки, детето ќе загуби доверба во сопствените способности. Тоа ќе стане несигурно, пречувствително, опсесивно, плашливо, сугестибилно. Таквото дете може да доживее неуспех во училиште и да има сериозни тешкотии во приспособувањето – вели Стефанова.
Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 71. број на неделникот „Република“, 10.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.