Тутунскиот гигант „Филип Морис“, кој минатата година стана стратешки партнер на „Тутунски комбинат Прилеп“ отвора канцеларија во земјава, дознава „еМагазин“.
Преку фирмата „Филип Морис Скопје ДООЕЛ“ од крајот на минатата година бара менаџери во областа на дистрибуција, комерција, администрација, трговија и финансиски аналитичар. Се работи за вработување на неопределен рок, а платите за дел од позициите стигнуваат и до 1.000 евра, бруто. Огласот за овие позиции е отворен до 20 јануари.
Претходно, во септември лани, „Филип Морис“ објави дека отвора логистички центар за складирање и транспортирање на ориентален тутун во Западна Грција, преку кој ќе го откупува ориенталниот тутун од Македонија, Грција и од Бугарија и ќе го испраќа во фабриките за производство на цигари во Европа и во Русија.
Центарот ќе биде лоциран во градот Агринио во некогашната фабрика за тутун Папастрос во која веќе има адекватни складишта за чување на тутунот, а како главен логистички центар за транспорт на тутунот ќе се користи пристаништето во Пиреја. Првичните очекувања се дека низ логистичкиот центар годишно ќе поминуваат околу 15 илјади тони тутун.
Според најавите, овој месец треба да се официјализира договорот за стратешко партнерство меѓу „Филип Морис“ и „Тутунски комбинат Прилеп“, пишува „еМагазин“.
Според генералниот директор на „Тутунски комбинат Прилеп“, Александар Дерменџиев, нацрт-верзијата на договорот е готова, а очекувањата се ова година Комбинатот да оствари загуба, која нема да ја наруши ликвидноста, а веќе во 2015 година, Комбинатот да влезе во позитива.
Деталите од договорот се чуваат во тајност.
Загубарот „Тутунски комбинат Прилеп“ е втора најголема компанија за производство на цигари во земјава и држи 19 отсто од пазарот, а на прво место е „Империал Тобако ТКС“ од Скопје со 61 процент од продажбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.